Викендов се заокружи Европскиот младински европски фестивал, кој за првпат се одржа во Македонија, а Скопје и Куманово во текот на изминатиот период беа домаќини на преку 4.000 млади спортисти од целиот континент. За време на фестивалската недела, натпреварувачите рушеа рекорди во нивните дисциплини, но паднаа и многу еко рекорди.

Во духот на тимската игра и оставањето на добар пример, волонтерите во текот на одржувањето на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) ги координираа младите спортисти со кои одлично соработуваа и собраа преку 2 тони пластичен отпад. Или претворено во парчиња отпад, тоа се над 100.000 шишиња од вода и сокови, кои ако не завршеа во корпите за селектирање отпад на Пакомак – ќе завршеа на депонија.
Ваквиот позитивен пример покажува дека свесноста за грижата за животната средина е силно присутна кај новата генерација, која ја разбира, но и ја презема одговорноста да се грижи за околината. Денес, кога климатските промени сè погласно нѐ предупредуваат, спортот добива и ново значење – како моќна алатка за поттикнување на одржливост, еко-свест и колективна одговорност. Како што спортистите на терен внимаваат на секое движење, така и ние секојдневно треба да внимаваме каде завршува секое шише, секоја лименка, на навиките и на вредностите кои ги покажуваме пред другите.
Како еколошки и логистички партнер за почиста и поздрава животна средина, Пакомак го поддржа одржувањето на ЕМОФ преку поставување на опрема за селектирање и корпи во различни бои, поставени на преку 20 различни локации. Во овие мини „зелени арени” еко амбасадорите-едукатори ги насочуваа посетителите и спортистите правилно да ги селектираат своите пластични шишиња и лименки во Пакомак корпите и ги едуцираат повеќе околу еколошките навики. Пакомак испрати огромна благодарност до волонтерите организирани од Олимпискиот комитет, кои се погрижија секој присутен да знае каде и како правилно треба да го одложува отпадот.
Оние кои одлучија да ги посетат натпреварувањата и да го гледаат ЕМОФ во живо имаа можност да се израдуваат на остварување на повеќе рекорди, во неколку различни дисциплини. Настанот започна со поставување на нов европски младински рекорд во стрелаштво за жени, а меѓу вестите вредни за истакнување е и новиот светски рекорд во дисциплината скок со стап за жени до 18 години. Но и Македонија постави свој рекорд – испрати дури 181 натпреварувач на младинската олимпијада, што е најголем број на македонски спортисти кои отпатувале да ја претставуваат земјата досега на едно големо натпреварување. А како што поминуваа деновите, паѓаа и еко-рекордите. Само на отворањето на ЕМОФ беа собрани преку 7.000 пластични шишиња, а волонтерите продолжија со исто темпо и во следните денови, за да се дојде до вкупната бројка од околу 100.000 парчиња пластичен отпад.
Навистина импресивна бројка и доказ дека младите поставуваат пример кој треба да го следиме сите, ако сакаме да оставиме чиста и здрава околина и за следните генерации. Секоја победа на терен започнува со победа над себеси – исто како што секој чекор кон позелена планета започнува од нашите навики. Ова е натпревар каде што победници сме сите.