Во малите градови, секој агол крие своја приказна, но токму градските паркови ја раскажуваат најтоплата. Тие зелени оази, украсени со интересни детали, клупи што чекаат да те прегрнат, цветни леи што ти го подигнуваат расположението и сенки од дрвја што го ладат срцето – бараат многу малку вложување, а враќаат огромно.

Сè што им треба е добра идеја, малку љубов и редовна грижа од градските служби за да останат свежи и раскошни како насмевка што никогаш не исчезнува.
Место за кафе, муабет и убави мисли
Овие паркови не се само парче зеленило, тие се сценографија за нашето секојдневие. Тука седиме за одмор, за муабет со другарите, за едно брзо кафе или ладен сок. И, да бидеме искрени, нема пијалок што не се вклопува совршено со малку ладовина и мирис на трева.
Културата почнува од тревникот

Убаво одржуван парк има магична моќ да ја подигне културата на граѓаните. Добро воспитаните и онака не би фрлиле отпадоци, ама и оние „помалку дисциплинирани“ како да ги фаќа срам да нарушат таква чиста и убава слика. А чистите, уредни корпи за отпадоци? Тие едноставно те мамат да „погодиш“ право во нив – како мала игра во која сите сакаме да победиме.
Малку за вложување – многу за враќање
Малите градски паркови ни покажуваат дека за убав живот не се потребни милион евра и гламурозни проекти. Понекогаш, доволни се неколку дрвја, малку креативност и многу љубов, па да имаме место каде душата одмора, а срцето се насмевнува.
Б.Б