Мојата мајка не ја говореше секогаш вистината. Ме има излажано осум пати во важни животни моменти!
Приказната почнува со мојот роденден.
Роден сум како син единец, во многу сиромашно семејство. Сиромашно до тој степен што немавме доволно храна, а не пак нешто повеќе. Во ретки прилики имавме малку ориз во куќата, па мојата мајка ќе ни подготвеше скромен оброк и секогаш го ставаше и нејзиниот дел во мојата чинија, говорејќи:
„Јади сине, јас не сум гладна.“ – Ова беше нејзината прва лага.
Кога малку пораснав, мојата мајка, по завршувањето на куќните обврски, ќе отидеше до реката која се наоѓаше покрај нашата куќа, надевајќи се дека ќе улови риба, за да ми овозможи здрав оброк, како би се развивал правилно, како и секое друго дете. Во една прилика таа успеа да улови дури две риби. Побрза да се врати дома, ги подготви рибите за јадење и ги стави пред мене.
Јас ги јадев бавно, а мојата мајка го дојадуваше она што го оставав на коските. Кога го видов тоа, срцето ми затрепери и ја ставив другата риба пред неа, а таа ми ја врати велејќи:
„Сине, изеди ја и другава, знаеш дека јас не сакам риби.“ – Ова беше нејзината втора лага.
Времето поминуваше и дојде ден да тргнам на училиште. Бидејќи немавме доволно средства да ги покриеме сите издатоци за моето школување, мојата мајка се договори со сопственикот на една продавница дека ќе оди од врата на врата и ќе им продава облека на богатите и угледни луѓе. Една студена и дождлива ноќ, мајка ми подолго се задржа на работа. Чекајќи ја дома, се загрижив и излегов да ја побарам. Ја здогледав како носи голема торба со облека и тропа на вратите на туѓите куќи.
И’ викнав: „Мајко, ајде дојди! Да си одиме дома, доцна е и многу е ладно. Ќе продолжиш утре.“
Таа се насмевна и рече: „Синко мој, не сум уморна.“ – Тоа беше нејзината трета лага.
Дојде ден за полагање на завршните тестови на училиште. Иако времето беше многу топло, мајка ми сакаше да дојде со мене. Сонцето ја пржеше земјата, па површината ширеше врелина. Влегов во училиштето, а таа остана да чека во дворот, треперејќи за мојот успех. Кога тестирањето заврши, излегов надвор, а таа ме дочека со топла мајчинска прегратка, исполнета со љубов. Во рацете држеше ладен и свеж сок, кој го купила за мене. Кога почнав да го пијам, се свртев и ја погледнав – по нејзиното чело се слеваа капки пот.
И’ го пружив шишенцето и и’ реков: „Мајко, напиј се!“, а таа ми врати:
„Сине, само ти пиј. Не сум јас жедна.“ – Ова беше нејзината четврта лага.
По смртта на мојот татко, мајка ми живееше тежок живот како вдовица. Ја превзема сета одговорност за водење на домаќинството. Таа мораше да се грижи апсолутно за сè. Животот стана потежок, а ние често гладувавме. Во близина на нашиот дом живееше мојот чичко, кој беше инаку многу добар човек. Тој често ни праќаше храна за да го ублажиме гладот. Кога соседите увидоа дека нашата состојба стана неподнослива, ја советуваа мојата мајка, која сè уште беше млада, да се омажи со човек кој би се грижел за нас. Но, мојата мајка овие совети ги одбиваше со зборовите:
„Јас немам потреба за љубов.“ – Ова беше нејзината петта лага.
По завршувањето на факултетот, добив платена работа во една компанија и одлучив да ја превземам грижата за куќата. Бидејќи здравјето на мојата мајка ослабе, повеќе не беше способна да продава облека по куќи, така што започна да продава зеленчук на тезга на пазарот. Кога одлучи да престане да работи, издвоив дел од мојата плата и и’ ја дадов, а таа одби да ја прифати, велејќи ми:
„Сине, чувај си ги парите за тебе, јас имам доволно за себе.“ – Ова беше нејзината шеста лага.
Без оглед на тоа што имав работа, продолжив со школување и набрзо магистрирав. Постигнав успех и моите приходи се зголемија. Една германска компанија ми понуди одлична работа во нејзиното седиште во Германија. Навистина се израдував и почнав да сонувам за нов и среќен живот. Откако отпатував и ја средив мојата состојба, и’ се јавив на мајка ми и ја викнав да живее кај мене. Таа не сакаше да ми се наметнува и ми рече:
„Сине, јас не сум научена да живеам таков удобен живот.“ – Ова беше нејзината седма лага.
Како што поминуваше времето, мајка ми старееше сè повеќе и набрзо заболе од карцином. Во тие тешки моменти мораше некој да се грижи за неа. Што можев да сторам кога помеѓу мене и мојата сакана мајка постоеше толкава оддалеченост? Оставив сè и се вратив дома. Ја затекнав мајка ми во постела. Кога ме здогледа, се обиде да ми се насмевне. Срцето ми се раскина кога ја видов толку исцрпена и слаба. Таа повеќе не беше онаа моја мајка која ја познавав. Солзи почнаа да ми се слеваат по образите, а таа и тогаш се обиде да ме утеши велејќи ми:
„Сине не плачи, јас не чувствувам никаква болка.“ – Ова беше нејзината осма лага.
Откако ги изусти тие зборови, ги затвори очите и никогаш повеќе не ги отвори.
На сите вие кои уживате во благодетот на живите родители ви порачуваме да ги чувате, постојано да се грижите за нив и да им давате до знаење колку сте благодарни за сето она што го направиле тие за вас во животот, пред да тагувате за нивната загуба.