Репрезентациите на Велс и на Португалија вечерва ќе се борат за место во финалето на Европското фудбалско првенство што се одржува во Франција.
За Португалија ова е седмо полуфинале, додека Велс првпат ќе се бори за учество во завршницата.

Досега овие две селекции одиграле само три натпревари, сите пријателски, од кои два завршија со триумф на Португалците, а еден на Велшаните.
Португалија до полуфиналето стигна со пет нерешени дуели во основните 90 минути, додека Велс е најпријатното изненадување на турнирот со две победи и едно реми во групната фаза и две победи во елиминациската рунда.

Фудбалската јавност овој дуел го очекува и поради дуелот на ѕвездите на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо и Герет Бејл.
Велшаните ќе настапат ослабени поради суспензијата (жолти картони) на првиот организатор на играта Арон Ремзи.

Почетокот на натпреварот е во 21 часот.
Вториот полуфинален меч на ЕУРО 2016 меѓу домаќинот Франција и актуелниот светски шампион Германија ќе се игра утревечер во Марсеј.
