
Без разлика што веќе неколку денови навлегоа низ континуиран заеднички почетен тренажен процес погледите на комплетниот играчки кадар на "вардарците", како и на членовите на стручниот штаб се насочени кон крајот на актуелнава недела кога и дефинитивно се очекува да биде познат новиот начин на кој финансиски и организациски ќе функционира низ продолжението од шампионатот нашиот најтрофеен клуб.
Вардаровите фудбалери предводени од шефот на стручниот штаб Милко Ѓуровски деновиве продолжуваат со тренинзите главно насочени кон стартната физичка подготовка очигледно без посериозна намера за дополнителна активност пред и дефинитивно определување на новиот финансиер. "Црвено-црните" тренираат со 17 фудбалери оние кои беа дел од тимот низ првенствените натпревари од есенскиот дел, но како што е познато истите во понеделникот, по состанокот со поранешниот потпретседател Коста Костовски, доставија ултиматум до клубот до петок конечно да бидат информирани околу новите финансиери во клубот како понатаму би се пронашло решение за идна соработка. Во спротивно, во интерес на сопствените фудбалски кариери и егзистенција фудбалерите ќе добијат слободни документи.
Токму поради тоа тимот од "Градски" е во ситуација, доколку сака покрај се останато да не го изгуби и играчкиот костур, до петок максимално активно да се определи новата раководствена структура на клубот.
Најблиску до преземање на Вардар е малтешката компанија "Планет М Интернационал" зад која стои српскиот бизнисмен Мишо Поповиќ. Изминатиов период, преку своите адвокати во Македонија, Поповиќ реализираше интензивни преговори со двата колективни члена од Собранието на ФК Вардар, "Мода и спорт" на нашиот бизнисмен Орце Камчев и Иницијативниот одбор за спас, односно навивачите на клубот, околу дефинирањето на договорите за евентуална идна соработка.
Како што објавивме и во вчерашното наше издание Мишо Поповиќ утре треба да допатува во Скопје на финални разговори околу влезот во најтрофејниот македонски клуб, по што се очекува деталите од преговорите и официјално да бидат презентирани во јавноста.
Според најавите од "Планет М" доколку ја добијат довербата да го водат Вардар, планираат низ пролетниот дел од сезоната да го задржат комплетно истиот стручен штаб, но и комплетниот играчки кадар, со исклучок на веќе ослободените фудбалери.
"Ние знаеме дека Вардар има навистина квалитетни фудбалери кои можат да дојдат до далеку подобри резултати од оние низ есенскиот дел. Затоа сакаме да ги задржиме сите фудбалери бидејќи од друга страна низ зимскиот период тешко е да се дојде до квантитативен број на квалитетни засилувања. Секако, овој тим во план е да се дополни со пет до шест квалитетни засилувања", велат од "Планет М".
Инаку, како што е познато од претходно "Планет М" во својата понуда планира влог во Вардар од околу шест милиони евра за наредниот три и полгодишен период, со постојано зголемување на годишниот буџет од 1.200.000 до 1.800.000 евра. Во понудата на "Планет М" се гарантира изградба на две помошни игралишта, мини хотел за потребите на првиот тим, модерна медицинска установа за младинските селекции и купување деловен простор на име на ФК Вардар на новата Северна трибина од "Градски", при што сите овие ветување би биле осигурени преку писмен договор.