
Холандскиот стратег Гус Хидинк ќе остане на клупата на Челзи до лето, без разлика на постигнатите резултати. Холанѓанецот изјави дека нема намера да го продолжи договорот со "сините" иако на тоа инсистира сопственикот Роман Абрамович.
Па така на листата на можни кандидати за клупата на лондонскиот клуб се поранешниот тренер на Барселона, Франк Рајкард, како и екс-предводникот на Интер, Роберто Манчини.
Италијанецот веќе долго време е без ангажман, а неколкупати беше поврзуван со "сините", едно време се спомнуваше и како наследник на Луиз Фелипе Сколари, но, сепак, не дојде до конкретен договор.
Тогаш Абрамович се одлучи да го ангажира актуелниот селектор на Русија.
Што се однесува до Рајкард, за него се интересира и Милан, кои во него гледаат како замена за Карло Анчелоти, кој има разочарувачки резултати оваа сезона по што клубот се најде во ситуација да се бори за место во Лигата на шампионите за идната сезона.
Двајцата тренери и се добро познати на јавноста бидејќи Манчини предводејќи го Интер освои три шампионати на Италија, како и два купа во 2005 и 2006 година и стана еден од најуспешните тренери на Интер во последните 30 години.
Додека, пак, Рајкард како предводник на каталонскиот тим двапати се закити со титулите шампион на Шпанија и Кралскиот куп, како и со трофејот од Лигата на шампионите во сезоната 2005/2006.