
Челниците на Арсенал би сакале да го ангажираат Пеп Гвардиола за наследник на Арсен Венгер ако францускиот стручњак одлучи да го напушти клубот по истекувањето на договорот во 2011 година. Според Дејли Стар, "топчиите" веруваат дека само Гвардиола би можел да биде идеална замена за Венгер и да го наследи атрактивниот стил на игра што тој го практикуваше во овие 14 години на функцијата. Наводно, веќе биле остварени и разговори меѓу раководството на клубот и Гвардиола, а 39-годишниот стручњак ќе се појави во Лондон и во среда кога се игра првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите меѓу Арсенал и Барса.
"Гвардиола е името кое редовно се појавува кога во клубот се разговара за тренер на подолги патеки. Управата на Арсенал го цени стилот што Барселона го игра под водство на Гвардиола и исто така им се допаѓа начинот на кој тој работи во Барселона", изјави за Дејли Стар неименуван извор близок до Арсенал.
Гвардиола стана тренер на Барселона во 2008 година по заминувањето на Франк Рајкард и оттогаш освои шест титули, а Барселона добива комплименти за својата игра од целиот фудбалски свет. Неговиот договор истекува во 2011 година, но се шпекулира дека потоа ќе биде дел од клупското раководство.