
Во моментите кога "нероазурите" по пауза од шест години обезбедуваат за себе место во полуфиналето од најатрактивното европско клупско натпреварување, македонската фудбалска легенда Дарко Панчев се потсетува на една од најважните свои фудбалски одлуки - трансферот во Интер во сега веќе далечната 1992 година...
"Мојот најлош можен избор. Одлука која ме чинеше катастрофален финиш на кариерата. Всушност јас кариерата ја завршив на 28 години", вели нашата "златна копачка", дополнувајќи:
" "Ме бараа Манчестер Јунајтед, Барселона и Реал Мадрид, а јас се одлучив за Интер. Полош избор дефинитивно не можеше. Во моментите на моите најдобри игри, извонредната форма, Интер ми ја уништи фудбалската кариера во која верувам дека уште многу можев да оставам за европскиот фудбал доколку не беше таа одлука".
Според Панчев, Интер тогаш, но и години потоа низ крајот на минатиот милениум воопшто не негувал допадлив фудбал. Единствено демонстрирал антифудбал уништувајќи кариера и на голем број други европски ѕвезди.
"Таму воопшто не се играше фудбал. Бергкамп и јас се чувствувавме навистина лошо", се потсетува македонскиот фудбалер на векот во изјавите за српските медиуми.
По заминувањето од Интер, Панчев мина низ "портите" на уште неколку европски клубови, Лајпциг и Фортуна Дизелдорф во Германија, како и швајцарскиот Сион, но далеку од формата со која настапуваше за Вардар и белградска Црвена Звезда.
"Затоа нагласувам дека всушност јас се повредив на 28 години. По тоа се сакам да заборавам. За мене во фудбалот има само Вардар и Црвена Звезда, трето нема", истакнува Панчев.