
Ужасни временски услови го очекуваат Јувентус на гостувањето во Познањ на дуелот со Лех во меч од Лигата на Европа. Студениот бран кој ја зафати Полска викендов се очекува да продолжи цела недела, што значи дека условите за игра во Полска ќе бидат исклучително тешки за игра.
"Старата дама" ќе има сериозни маки бидејќи мора да брка победа бидејќи и се заканува елиминација, со оглед на тоа дека полскиот претставник има седум бода заедно со Манчестер Сити, односно четири повеќе од Италијанците.
Метеролозите прогнозираат дека за време на мечот в среда, во 21:05 температурата ќе падне до -12 степени целзиусови, а силниот ветер ќе направи температурата да падне и до неверојатни -23. Миејски стадионот вчера беше прекриен со снег со дебелина од 10 сантиметри, а одговорните лица го оспособуваа за големиот спектакл на кој се очекува Лех да го обезбеди пласманот во следната фаза за првпат во својата историја. Студеното време не ги спречи навивачите да ги купат сите билети, што значи дека стадионот во Познањ ќе биде исполнет до последно место.