
Екипата на Милан веќе работи на засилување на тимот и се планираат нови имиња кои би требало да пристигнат на "Сан Сиро" во текот на јануарскиот преоден рок. Прво име на списокот е Милош Красиќ, кој во моментов е главна цел на "росонерите".
По променливите игри на стартот на сезоната веќе е сосема јасно дека на Милан му требаат нови играчи со кои ќе може да го одржи нивото на игра, а планот да се ангажира Красиќ доаѓа по двете средби на кои овој играч седеше на клупата за резерви во Јувентус.
Српскиот интернационалец не е многу посакуван од новиот тренер на Јувентус. Конте повеќе сака да го има во тимот Симоне Пепе и нему да му дава можност да игра по крилната позиција на која настапува и Красиќ. Затоа, веќе почнуваат шпекулации дека тој ќе го напушти Торино, па во Милан не седат со скрстени раце и веќе планираат да го засилуваат тимот за вториот дел од оваа сезона.
Конкуренција на Милан, најверојатно, ќе биде Манчестер Сити, кој и во текот на ова лето сакаше да го ангажира Красиќ, но не успеа во намерите бидејќи беше барана голема отштета. Инаку, договорот на Красиќ со Јуве е со важност до летото во 2014 година.