Валентино Роси смета дека со поместување на неговата возачка позиција ќе добие предност на Десмоседичи мотоциклот на Дукати по проблематичната деби сезона во "италијанскиот дрим-тим". Седумкратниот Мото ГП шампион има само еден подиум оваа година и и покрај големите промени на мотоциклот, како воведувањето на шасијата за 2012 на моторот за оваа година, и менување на алуминиумската рамка на мотоциклот на Арагон ГП.
Роси вели дека постојат мали подобрувања, но сепак беше само 10-ти во трката поради проблемите со гумите. Сега тој оценува дека со менување на возачката позиција ќе може да добие поголема брзина на рамното, како неговиот претходник во тимот, Австралиецот Кејси Стонер.

"Губиме брзина во некои чудни области. На пример, во споредба со Стонер сме побавни на рамните делови со истиот мотоцикл од првиот тест. Мора да го сфатиме тоа и да бараме решение. Можеби возачката позиција е подобра за пониски и помали возачи отколку повисоки возачи како мене или Ники Хајден", вели Роси.
Тој дури додава дека менувањето на позицијата може да се забележи и на ТВ преносите.
"Не се чувствувам многу удобно на мотоциклот, така што е сосема нова работа е да се прераспределува тежината. Ако ме гледате на телевизија, стилот не е ист од порано. Тоа е сосема јасно", додава Италијанецот.
Но, надежите на тифозите за брзо менување на ситуацијата во тимот се преуранети бидејќи "Докторот" признава дека проблемите остануваат.
"Работевме на многу различни начини, но со тоа не променивме многу. Повторно сме бавни. Освен неколкуте добри трки воопшто немаме постојаност", вели Роси.