Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, по неговата посета на Србија, објави дека властите во државата и заштитникот на граѓаните треба „брзо“ да ја завршат истрагата за наводите за употреба на звучно оружје на мирен протест во Белград „со цел да се идентификува сторителот на инцидентот и да се обезбеди (неговата) одговорност“, јави дописникот на МИА од Белград.

По посетата, која траеше од 25 до 27 април, О’Флаерти ги повика властите да ја организираат безбедноста на демонстрантите, да ја подобрат работната средина за организациите на граѓанското општество и бранителите на човекови права, како и да „избегнуваат стигматизација на демонстрантите преку дискурс што погрешно ги карактеризира демонстрациите како „шарена револуција““.
„Ова е важно за поединците да не се свртуваат кон учениците со ризик од повторување на насилството врз нив, како што е удирање со автомобили или тепање со бејзбол палки, што го видовме во претходните месеци“, напиша О’Флаерти.
„Комесарот ги повикува властите ефикасно да ги истражат сите акти на насилство извршени на демонстрациите и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“.
Фокусот на неговата мисија во Србија беше ставот кон демонстрациите и организациите на граѓанското општество, во контекст на неколкумесечните студентски протести, кои беа предизвикани од несреќата во Нови Сад, каде што на 1 ноември 2024 година по пад на бетонска настрешница на железничката станица, загинаа 16 лица.