
Анкара, 8 март (МИА) - Спасувачките операции по земјотресот со интензитет од шест степени според Рихтер, кој го погоди реонот на Елазиг, во Источна Турција, прекинаа, бидејќи под урнатините нема повеќе луѓе, изјави гувернерот на областа Муамер Ерол.
Подоцна се очекува да биде соопштен конечниот број на жртвите и повредените. Турскиот вицепремиер Џемил Чичек, кој заедно со уште тројца министри заминаа во реонот на земјотресот, денеска потврди дека бројот на загинатите изнесува 57 лица, а околу 100 се повредени.
Според Центарот за набљудување земјотреси, епицентарот на потресот бил регистриран во 4:32 по локално време и бил на 21 километар југоисточно од Елазиг, на длабочина од пет километри. Регистрирани се уште 50 последователни потреси од кои најсилните биле со интензитет од 5,5 и 5,3 степени по Рихтер.
Потресот предизвика паника меѓу населението, кое поголемиот дел од ноќта ја мина надвор од домовите.
Загинатите се жители на пет села во реонот на Елазиг. Приближно 100 лица се повредени и веднаш се сместени во болница, а некои од нив се во тешка состојба. Предизвикани се и материјални штети, а оштетени се главно еднокатни згради и селски објекти.
Најлошо мина селото Окчулар, каде се информира за 17 загинати, а урнатите куќи изгледаат како купишта отпадоци.
-Селото е целосно срамнето со земја, изјави старешината на Окчулар Хасан Демирдаг за турската приватна телевизија НТВ.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го предупреди населението во оваа област да не влегуваат во зградите, кои се оштетени. Тој додаде дека жртвите и штетите се должат на незадоволителните стандарди за градба.
Турција се наоѓа во силно сеизмички активен регион. Во 1999 година потрес со интензитет од 7,4 степени ја предизвика смртта на 18.000 лица во западна Турција.