Белград, 18 март 2013 (МИА) – Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека во овој момент никој не размислува за референдум „Косово или Европска унија“, објавија српски медиуми.
– Не мислам дека кој било размислува за референдум во овој момент и сега е најважно да се дојде до некој договор, изјави Дачиќ на прес конференција на прашање дали се размислува за распишување референдум доколку дијалогот со Приштина влезе во ќорсокак.
Тој додаде дека во овој момент е неизвесно дали ќе има договор бидејќи не гледа дека косовскиот премиер Хашим Тачи може да се согласи на извршни и законодавни овластувања за заедница на српски општини на Косово, додека за Србија „е неприфатливо да се согласи на законите на Косово“.
– Имаме само еден пат, тоа е пат на дијалог и мирно решавање на проблемот, но уверен сум дека ќе има правично и чесно решение, изјави Дачиќ.
Премиерот рече дека „наводниот договор кој се појави во медиумите, не е автентичен“ и додаде дека ниту еден официјален документ не е на преговарачка маса во Брисел ниту е понуден од високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон. Тој го оквалификува наводниот договор како „пробен балон“ и секаква расправа за тоа е апсолутно бесмислена бидејќи тој не постои.