
Лондон, 11 март 2011 (МИА) - Поранешиот премиер на Велика Британија Џон Мејџор изјави дека ќе биде срамота за Европската унија и за НАТО ако Моамер Гадафи остане на власт во Либија. Во разговор за британската телевизија Скај, Мејџор кој се залага за соборување на Гадафи од власт и за промена на режимот во оваа земја, рече дека евроатлантските организации ќе го „загубат својот престиж и углед“, ако дозволат останување на власт на либискиот водач, јави дописникот на МИА од Лондон.
Според поранешниот британски премиер, доколку Гадафи продолжи да управува, ќе предизвика во Либија „крвави репресии“ кон сопствениот народ. Продолжувањето на неговиот режим ќе значи и „охрабрување на другите лидери на Блискиот Исток“, кои потоа ќе може да продолжат со репресиите кон сопствените луѓе.
Мејџор по поразот од Тони Блер на парламентарните избори во 1997 година, се повлече од јавноста и одбегнуваше да дава политички изјави, но од избувнувањето на „арапската пролет“ и бранот немири во земјите од Северна Африка и Блискиот Исток тој се јавува како советник на актуелниот британски премиер Дејвид Камерон. Тој минатиот месец патуваше со Камерон на кусата турнеја на британскиот премиер по земјите од Персискиот Залив, заедно со група најистакнати бизнисмени од воената индустрија на Велика Британија.
Џон Мејџор ја наследи Маргатер Тачер во Даунинг стрит 10 и остана премиер седум години, во годините на војните на тлото на поранешна Југославија и бомбардирањата во Босна и Херцеговина. „Босанското сценарио“ се споменува често во Лондон како основа за справување со полковниот Гадафи и со неговото тргање од власта.
Засега само Франција јавно заговара бомбардирање на позициите на либиските владини сили, а премиерот Камерон е силен заговорник за казнување на Гадафи и за воведување на зона за забранети летови над Либија.