Словенечкиот премиер најави намалување на платите на државните службеници Љубљана, 22 март 2012 (МИА) - Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека неговата Влада како прва мерка за штедење ќе ги намали привилегиите и платите на државните службеници, истакнувајќи дека штедењето поради сериозноста на економската криза бара и посериозни мерки.
- При предложувањето мерки за штедење ги бираме приоритетните и најпрво ќе посегнеме по оној дел од јавната потрошувачка што се однесува на привилегиите и штедењето кај нас службениците, изјави Јанша доцна синоќа по состанокот на владата.
Тема на состанокот беше предлог ребалансот на државниот буџет за оваа година и мерките за штедење кои е потребно да се договорат со синдикатите, за што ќе се разговара и на состанокот на економско-социјалниот совет.
Предлог ребалансот на буџетот Владата треба да го прифати до крајот на март, но премиерот Јанша одби целосно да ги открие сите мерки кои ќе ги предложи владата.
Словенија во изминатиот период, како и голем број европски земји, се соочува со многу економски проблеми.
Стапката на навработеност во јануари се искачи на 12,5 од декемвриските 12,1 процетнт, што е највисоко ниво во изминатите 12 години, соопшти Заводот за статистика во Љубљана.
Словенечкиот владин институт за макроекономски анализи и развој (ИМАД) неодамна изврши корегирање на прогнозата на економскиот раст за 2012 година, предвидувајќи пад на бруто домашниот производ од 0,9 проценти, наместо претходно предвидениот раст од 0,2 проценти.
Коалиционата Влада на премиерот Јанша, која минатиот месец ја презеде должноста, настојува да поттикне економски раст и да ги избалансира јавните финансии, додека истовремено спроведува мерки за штедење и структурни реформи.
|