
Рим, 24 мај (МИА) – На гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ денеска - 24 Мај кога се одбележува Денот на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј ќе се одржи молебен со кој ќе чиноначалствува поглаворот на Македонската православна црква г.г. Стефан придружуван од митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, епископот Хераклејски г. Климент и архимандритот Нектари.
На службата во базиликата „Сан Клементе“ ќе присуствува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој ја предводи државно-црковната делегација на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“. Дел од оваа делегација се министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, заменик-министерот за труд и социјална политика Спиро Ристевски и директорката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска.
Со молебенот на гробот на свети Кирил завршува неколкудневната манифестација што по 41. пат се одржува во негова чест во Рим.
Во изминатите четири дена се одвиваше и културна програма во рамките на која настапија етно-групата „Баклава“, беше отворена изложбата на Државниот архив „Македонија низ вековите“, актерот Петар Темелковски ја изведе монодрамата „Филип Втори“, а концерт одржа и женскиот хор при Младинскиот културен центар во Скопје.
Годинава се одбележува 1140 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.