Во Штип почна изградба на католичка цркваШтип, 26 мај (МИА) - Верниците со католичка вероисповед од источна Македонија за шест месеци ќе ја добијат првата црква. Во Штип денеска во присуство на бискупот Киро Стојанов, градоначалникот Зоран Алексов и граѓаните беше поставен камен темелникот на црквата, која пред 50 години постоела на истото место. Бискупот Стојанов рече дека црквата е единствена за верниците од општините во Брегалничкиот регион, со што ќе ги задоволи нивните духовни потреби.
- За значењето на црквата во Штип, говори и фактот што благословот на камен темелникот беше споменат и кај државниот секретар во Ватикан, рече Стојанов.
Секретарот на Хрватската заедница во Штип Долорес Кашуба-Петров истакна дека изградбата на црквата ќе биде финансиски помогната од бизнисмените со католичка вероисповед.
- Во изминатите 50 години моравме да патуваме во Струмица или Скопје за да присуствуваме на миси, сега со изградбата на овој храм ќе ни се овозможи нашите духовни потреби да бидат задоволени и во Штип, рече Кашуба-Петров.
Бискупот Стојанов за упатената усна покана од престедателот Ѓорѓе Иванов до папата Бенедикт Шеснаесетти да ја посети Македонија, рече дека во моментов се изговтува и писмената покана и верува ако не за една, во тој случај за две години папата ќе ја посети Македонија.
|