Учениците од основните училишта во општина Кисела Вода добија нов затворен базен. Станува збор за базен што е дел од ООУ „Невена Георгиева - Дуња“, а како што беше истакнато на денешното свечено отворање, ќе им биде на располагање и на основците од другите училишта во оваа општина.

Љубен Илиевски од „Енергоинвест трејд“ во изјава за медиуми појасни околу тоа со што располага базенот.
- Техничките карактеристики на базенот се должина 30 метри, ширина 20 метри, со габаритна површина од 600 квадратни метри, со димензија на коритото 9х25 метри и со длабочина на коритотот за пливање од 80 сантиметри до 120 сантиметри. Во склоп на базенот се уградени машински инсталации најнеопходни за функционирање и работа на затворен пливачки базен. Пратечки простории изведени во склоп на објектот се санитарии и гардероби поделени во два дела - машки и женски дел, рече Илиевски.
Премиерот Христијан Мицкоски посака да бидат завршени уште многу вакви проекти.
- Многу е важно сето она што е почнато да се заврши, да не ги оставиме работите да бидат споменици на едно време, колку и тоа да ни се допаѓало или не допаѓало во минатото. Пари се трошени од граѓаните и мора истото да се заврши за да може да биде ставено во функција за да може граѓаните да го користат. Следат уште четири коишто до крајот на летото од овој изведувач ќе треба да бидат пуштени во функција. Она што јас можам да го кажам е дека остануваме Влада што ќе биде влада насочена кон реализација на проекти, реформи и влада што гледа во иднината, нагласи премиерот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека од денеска, базенот ќе биде на располагање најпрво за децата од основните училишта во Кисела Вода, а потоа ќе биде отворен и за граѓаните и за пливачките клубови што ќе изразат интерес за тоа.
- Најголем приоритет ќе ни биде макар еднаш во неделата, да спортски активности во истиот имаат дечињата од основните училишта во општина Кисела Вода. Тоа многу ќе значи за напредок на физичка пред сè, но и психичка состојба кај нашите млади генерации, кај генерациите што допрва ќе ја градат оваа држава, додаде градоначалникот.
Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека без соработка со градоначалникот, ова не можело да се изведе во толку брз рок. Тој посака со овој базен, децата да создадат здрави навики.
- Базенот во општина Кисела Вода е еден од петте базени - другите четири се во општините Ѓорче Петров, Кичево, Битола и Штип, што беа почнати од страна на поранешната Агенција за млади и спорт во 2020 година и беа оставени недовршени со реализација од околу 20 проценти. По откочувањето на процесот за изградба од страна на Министерството за спорт, базенот во општина Кисела Вода е завршен во рок од шест месеци, а изградбата на останатите четири базени е во завршна фаза и тие треба да бидат пуштени во употреба до крајот на летото. Цената на чинење на базенот во Кисела Вода изнесува 46.551.713 денари, информираа надлежните.