
Скопје, 20 ноември (МИА) - Во Македонија денеска пристигнаа првите 5.000 вакцини против новиот грип од типот А/Х1Н1 од производителoт „Новартис“. Вакцините се донација од Турција.
Од утре почнува вакцинацијата на лекарите и медицинските сестри на Инфективната клиника кои најмногу се изложени на контакти со заразени лица, а во наредните денови ќе биде вакциниран и другиот медицински персонал низ државата.
- Целта на оваа мерка е да се направи се што е во наша можност да ги заштитиме лекарите и медицинските сестри кои потоа треба да ги лекуваат граѓаните. Очекуваме многу брзо да пристигне поголем контингент вакцини со што ќе продолжиме со вакцинацијата на останатите ранливи групи кои се препорачани од Светската здравствена организација и Комисијата за пандемски грип, изјави министерот за здравство Бујар Османи.
Според најновите информации од СЗО, вакцината е безбедна исто колку што е безбедна и вакцината против сезонскиот грип. Треба да ја примаат оние кои се целосно здрави, контраиндицирана е кај лица алергични на јајца бидејќи во процесот на производството се користат јајца. Вакцините ќе се чуваат во Градскиот завод за здравствена заштита.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Османи рече дека би сакал да се вакцинира со вториот контингент вакцини кога ќе дојде за да се остави, како што рече, овие вакцини да ги земат оние кои се директно изложени на новиот грип.