Скопје, 21 ноември (МИА) - Со цел редуцирање на административните бариери, Владата на Република Македонија одлучи да почне проект Е-документи. Иницијативата предвидува воведување нов систем со кој, кога граѓанинот се обраќа за некаква услуга, самата институција електронски да ги побара сите потребни документи за граѓанинот од другите институции.
За реализација на проектот, како што посочи на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски, потребно е претходно да се идентификуваат сите постапки за барањата кои доаѓаат од граѓаните, што е првата активност која започна да се спроведува оваа година.
Активностите течат во координација со министерствата за внатрешни работи и за правда, Управата за водење на матичните книги, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, основните судови Скопје 1 и 2, Министерството за финансии, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Бирото за јавни набавки, Центрите за социјални работи, Нотарската комора и ЗЕЛС.
- Почнавме со идентификување и анализа на услуги кои институциите ги нудат на граѓаните, документи кои ги бараат од граѓаните за услугите, институции со кои е потребно да се комуницира заради извршување на одредена услуга, како и закони кои може да бидат пречка за реализација на проектот, рече Ивановски.
Тој посочи и примери за документи кои државните институции ќе ги разменуваат електронски. Од УЈП ќе се добиваат документи дали граѓанинот е даночен обврзник и уверение за платен данок, од Централниот регистар - за економско финансиска состојба на фирмите, од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување - преглед во нивна матична евиденција, наод за инвалидност, од Агенцијата за катастар на недвижности - имотен лист, од Централниот депозитар - извештаи за хартии од вредност, од МВР - уверение за државјанство, ...
Во периодот што следи, ќе се подготвува детална анализа од која ќе произлезе дизајнот и опсегот на проектот.
Проектот Е-документи зависи и е во блиска корелација со проектот за меѓусебно поврзување на регистри и бази на податоци меѓу државните органи и институциите кој е планиран и се спроведува од страна на Министерството за информатичко општество. Со воведување на механизмот на меѓусебно поврзување на државните органи и институции, како што образложи Ивановски, ќе се овозможи меѓусебно користење на регистрите со податоците, ќе се придонесе за квалитетно работење, економичност и ефикасност и олеснување на остварување на функциите на државните органите и институциите, како и на правата и обврските на деловните субјекти и на граѓаните и директно ќе се потпомогне автоматизирањето на постапките за издавање е-документи.