Скопје, 3 септември 2010 (МИА) - Исправен концепт кој дава резултати преку отчетност, работа, посветеност и одговорност. Вака премиерот Никола Груевски го оцени четиригодишното работење на Владата што ја предводи, во денешниот отчет за сработеното.
- Константа за оваа Влада во изминатите четири години е работата. Имавме конкретна програма со рокови и работевме на нејзино остварување. Не ветивме невозможни работи, туку работа, посветеност и одговорност. По четири години тоа останува обврската по која се движиме и веруваме дека ќе не довде до вистинската цел - достоинство, рече Груевски.
Времето на функционирањето на Владата го подели на два периода - првите две години без економска криза и вторите две години, како што посочи, со најголема светска економска криза во изминатите 80 години што ја погоди и македонската економија.
Груевски истакна дека во првите две години е остварен најголем пораст на БДП од осамостојувањето на Македонија, раст на извозот од рекордни 60 отсто, зголемени директни инвестиции од близу милијарда евра, драстично намален јавен долг...
- Тоа го почувствуваа илјадници пензионери кои добија над 30 отсто зголемување на пензиите во просек и јавниот сектор со зголемени плати од 22 процента за првите две години, изјави претседателот на Владата. Ги посочи и воведениот рамен данок од 10 отсто, намалената стапка на пензиско и инвалидско осигурување, регулаторната гилотина, реформата бруто плата, проектот за самовработување, 20-кратното зголемување на субвенциите за земјоделците, издвојувањата за образованието, предвреме исплатениот дел од надворешниот долг...
Потврда за сработеното, како што рече, се признанијата што ги доби Македонија од Светската банка и од други меѓународни организации.
Добрите резултати во првите две години ги прекина светската економска криза, истакна македонскиот премиер. Со владините антикризни мерки беа намалени последиците од кризата и не се дозволи зголемување на даноците, и кратење на пензиите и платите, како во други земји кои беа погодени од кризата.