Македонија го празнува Денот на св. Климент Охридски

Скопје, 8 декември 2010 (МИА) - Во Македонија денеска се одбележува Денот на св. Климент Охридски, кој четврта година е државен празник, со кој се слави делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.

Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.

Во пресрет на денешниот празник, синоќа во Дом на АРМ се одржа Свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а денеска напладне во Парламентот ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2010 година.

Добитници се археолог, проф. д-р Елица Манева - во областа на воспитанието и образованието, скулпторот, академик Томе Серафимовски, поетот и литературен критичар Санде Стојчевски и актерот Петар Темелковски - во областа на културата и уметноста и интернистот и хематолог проф. д-р Тодор К. Стојчевски - во областа на здравството.

Малку се знае за Климент, а реконструкцијата на неговиот животен пат во науката се прави, главно, врз Пространото Климентово житие што го напишал на грчки јазик охридскиот архиепископ Теофилакт во последните години на 11 век, како и Краткото житие на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, напишано на грчки јазик 300 години по смртта на Климент. Не се знае кога и каде е точно роден, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.

Од биографијата на Климент се дознава дека тој заедно со уште двајца ученици бил ракоположен за свештеник во Рим. Се претпоставува дека монашкото име Климент го добил во чест на откривањето на моштите на папата Климент, кој умрел во прогонство на Крим. Моштите ги нашол Кирил за време на исполнувањето на мисијата кај Хазарите (859-861) во која веројатно учествувал и Климент. Тие ги пренеле во Рим каде што биле опеани и свечено закопани. Покрај Климент и Наум, ученици на солунските браќа биле и Горазд, Ангелариј и Сава. Петтемина ученици заедно со своите учители Кирил и Методиј кај народот се познати како седмомисленици.

По смртта на Кирил (869), а подоцна и на Методиј (885), учениците се судираат со германско-латинското свештенство и се прогонети од Моравија. Климент, Наум и Ангелариј дошле во Бугарија каде што Ангелариј починал. Наум учителствувал во близина на столицата на бугарскиот кнез Борис, а Климент бил испратен за учител во областа Кутмичевица. Името не е познато во денешната топонимија на Балканот, но со оглед што Охрид се спомнува како населено место во таа област, се работи за денешното тромеѓе на Македонија, Грција и Албанија. Таму, според житието на Теофилакт, Климент имал 3.500 ученици, кои ги оспособувал за црковна богослужба. Тоа е импозантен број за просветителска акција на преминот од 9 кон 10 век. Таа активност е наречена Охридска книжевна школа или прв словенски универзитет. Просветителско-црковната активност на Климент таму траела цели седум години.

По смртта на кнезот Борис и доаѓањето на првиот бугарски цар Симеон, на учителското место во Кутмичевица бил испратен Наум, а Климент бил назначен за епископ во Дрембица и Велика, за кои се уште се претпоставува каде точно се наоѓале. Климент бил прв меѓу Словените што добил епископски чин. Го описменувал сиромашното, грубо и запуштено население и го подучувал да живее подобро, ги учел луѓето да садат дрвца и ги лекувал. Како епископ велички често доаѓал во својот манастир во Охрид и неуморно и бил посветен на просветителската дејност. Според Теофилакт, Климент до смртта работел на преводот на „Цветниот триод“ од грчки на словенски јазик.

Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа. Покрај преводи на црковна литература, напишал и пофални слова за христијански светители. Пред да умре, својот имот - книжевните дела, ги поделил и завештал на епископијата и на својот манастир. Теофилакт спомнува чудесна и исцелителска моќ на св. Климент по смртта. Свети Климент Охридски е заштитник на Охрид и, според преданијата, тој го спасувал градот и неговите жители секогаш кога биле во неволја. Се претпоставува дека Охрид е и родно место на Климент и оти поради тоа го избрал за работа до крајот на животот. Не е утврдено ниту дали Климент и Наум се родени или браќа по конфесија.

Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
- Трпе, зошто татко ти денес беше на училиште?
- Учителката го викна за да се жали од мене.
- И што стана?
- Е па ништо, учителката ми кажа сега да ја викнам мајка ми, за да се...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
753 п.н.е.- Според преданието, Ромул го основал...
1500.- Португалскиот морепловец Педро Алварес...
1509.- Умре англискиот крал Хенри Седми, основач...
1699.- Умре францускиот писател Жан Батист...