
Скопје, 3 јануари 2011 (МИА) - Во изјавите на државниот врв дека се очекува годинава конечно да биде надминат спорот со Грција за името, може да се прочита дека македонската страна испраќа порака до Атина и до Нимиц дека се подготвени на компромис за изнаоѓање на решение, смета професорот Димитар Мирчев. Во изјава за Радио Слободна Европа, тој оценува дека годинава може да се очекува спорот да достигне зрела фаза, дури и да дојде до крај на овој процес.
- Повеќе месеци се потребни за да се подготви јавноста за некоја промена и за некое решение. После тоа процедурата да се изведе, дали референдум, дали во Собрание, ратификација во парламентите итн. Така што, тоа трае повеќе месеци и сега мислам дека има повеќе и време и маневарски простор, владите не се оптоварени со некои непосредни задачи, така што мислам дека може продуктивно да се искористи тој временски простор, изјави Мирчев.