Средби на Груевски со Бајден и Клинтон

Вашингтон, 16 февруари 2011 (МИА) - Ставот на САД е дека Македонија и Грција треба да го решат прашањето за името, оти тоа можат да го направат само Скопје и Атина, а не некој друг, изјави македонскиот премиер Никола Груевски по средбите во Вашингтон со американскиот потпретседател Џо Бајден и државниот секретар Хилари Клинтон.

- Ние ќе останеме силно фокусирани на решавањето на ова прашање поврзано со нашето членство во НАТО и ЕУ, рече Груевски, додавајќи дека САД даваат поддршка и ги охрабруваат двете држави што е можно поитно да се договорат, а тие ќе застанат зад едно такво решение.

Средбата со Бајден во Белата куќа и со Клинтон во Стејт Департментот, како што оцени македонскиот премиер, се доказ за силното пријателство меѓу САД и Македонија.

- САД е наш редовен поддржувач во многу работи и очекуваме дека и за прашања кои ќе ни бидат значајни во иднина би можеле да побараме поддршка, рече Груевски, притоа изразувајќи задоволство што овие два дена имаше можност да се сретне со високи функционери на САД и да разговара за Република Македонија, за односите меѓу Америка и Македонија, за прогресот што е направен и за иднината.

На средбите разменето е мислење за повеќе работи поврзани со заемните релации, заемната поддршка и за состојбите и перспективите на Република Македонија.

Истакнато е дека САД ја сметаат Македонија за рамноправен сојузник и високо го ценат учеството на македонските мировници во Авганистан, а претходно и во Ирак.

На средбите, како што јави известувачот на МИА од Вашингтон, покрај за името, најмногу се разговарало за текот на реформите во Македонија.

- Го истакнав она што е направено во Република Македонија, прогресот во делот на економијата, образованието, неодамнешните чекори во судството и фокусот што сега го имаме во делот на јавната администрација. На средбите кажав повеќе детали за тоа што се прави во врска со реформите, дека станува збор за реформски ориентирана Влада која е насочена кон прогрес и кон постојана модернизација и реформи со кои и натаму продолжуваме, рече македонскиот премиер.

Тој изложил неколку детали поврзани со реформите во образованието, информирајќи ги своите домаќини дека шест отсто од бруто домашниот производ во Македонија се инвестира во образование, дека е спроведено задолжително средно, отворени се нови факултети и универзитети и оти драстично е зголемен бројот на средношколци кои се запишуваат на факултет.

Во однос на реформите што се преземаат во економијата споменал дека Македонија достигна највисоки стапки на раст во својата историја пред почетокот на кризата и дека Светската банка ги оцени нашите реформи како многу добри и земјата во 2008 година ја прогласи за четврт најголем реформатор во светот, а во 2010 за трет, со што на генералната листа бевме поместени од 96. на 36. место, што, како што посочи, е огромен сигнал кон инвеститорите кои размислуваат каде да инвестираат.

Во делот на борбата против криминалот и корупцијата, Груевски ги информирал своите соговорници дека Владата е максимално фокусирана на ова поле, како и на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. - Потсетивме дека на листата на Транспаренси интернешнл за само 3,5 години успеавме да се качиме од 105. на 62. место, што укажува дека во земјата има сериозен напредок, но дека тоа нас не не задоволува и сметаме оти има уште работа, рече Груевски.

За Охридскиот рамковен договор укажано е дека е предмет на спроведување од страна на оваа Влада, дека земјата како мултиетничка чекори напред во делот на остварувањето на сите заложби кои претходно беа заземени и дека тоа останува на врвот на нејзините приоритети.

Од американска страна биле позитивно оценети реформите што ги спроведува македонската Влада, посебно борбата против корупцијата и криминалот.

Во соопштението од Белата куќа по средбата се посочува дека политичките и економските односи меѓу САД и Македонија, спорот за името, како и напорите на американската администрација за промоција на мирот, стабилноста и просперитетот во Европа,  била тема на разговорите меѓу потпретседателот Бајден и премиерот Груевски.

- Потпретседателот изрази надеж дека Македонија и Грција ќе го решат заеднички долгогодишниот „спор за името“ со што Македонија ќе може да оди напред кон членство во НАТО и во исполнувањето на евроатлантските аспирации, се вели во соопштението од Белата куќа.

На средбата Бајден ја нагласил важноста што Соединетите Држави ја придаваат на владеење на правото, слободата на независните медиуми и добрите меѓуетнички односи во Македонија. Воедно, американскиот потпретседател се заблагодарил за македонскиот придонес во меѓународната мировна мисија ИСАФ во Авганистан, каде земјата е еден од најголемите контрибутори според глава на жител.

Во функција на подготовка на синоќешните средби со Бајден и Клинтон, премиерот Никола Груевски завчера се сретна со Филип Гордон, помошник државен секретар за Европа и Евроазија.

Груевски имаше средба и со Стивен Кнап, претседател на универзитетот „Џорџ Вашингтон“, еден од најугледните универзитети, при што разговараа за можностите за размена на студенти со охридскиот универзитет „Свети Апостол Павле“. Начелно, како што рече Груевски, добиена е согласност најпрво да се потпише меморандум за соработка по што треба да започнат разговори за размена на студенти.

- Тоа би било од големо значење за овој наш универзитет од причина што би претставувало и негово признавање во Америка, рече Груевски додавајќи дека особено важно е што американски студенти би можеле да студираат во Охрид, бидејќи на овој универзитет сите предавања и испити се на англиски јазик, и тоа да им биде признаено во Америка.

Станало збор и за модалитетите за континуиран развој и обезбедување  повисок квалитет на високото образование, како и преземање искуства кои може да се применуваат во Македонија.

Македонската делегација, во која покрај Груевски се и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, амбасадорот Зоран Јолевски и Мартин Протогер, шеф на Кабинетот на македонскиот премиер, денеска ќе има работен ручек со група конгресмени на кој ќе зборуваат за состојбата и перспективите на Македонија и можностите дел од конгресмените кои се поддржувачи и пријатели на Македонија да и помогнат на државата. Ќе имаат средба и во ОПИК, институција која дава гаранција за вршење инвестиции од Америка во други држави, како што е и Македонија.

Посетата на Груевски на САД е подготвувана од август минатата година, а датумот на средбата со Бајден, како што неодамна изјави американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер, бил определен пред Нова година.

Премиерот Груевски е третиот македонски политичар што доаѓа во САД само во последните десетина денови, што е потврда за одличните американско-македонски односи. Минатата недела средба со Бајден во Вашингтон имаше и претседателот Ѓорѓи Иванов, а министерот Милошоски во Лос Анџелес присуствуваше на 100-годишнината од раѓањето на Роналд Реган.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...