
Скопје, 21 февруари 2011 (МИА) - Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски денеска изјави дека ќе прифати предвремени парламентарни избори доколку бидат исполнети условите кои партијата ги постави за да се врати во Собранието.
Црвенковски, кој се огласи по вчерашното интервју на премиерот Никола Груевски во кое го повика лидерот на СДСМ на избори, на денешната прес-конференција рече дека СДСМ се откажува од петтиот услов - уставни измени за отстранување на министерот за правда Михајло Маневски од Судскиот совет, но останатите четири остануваат.
- Ја поздравувам вашата одлука конечно да се одважите, да соберете храброст и да го прифатите нашето барање за предвремени парламентарни избори кои се единствен демократски начин за решавањето на оваа длабока криза и излез од ќорсокакот. Предвремени парламентарни избори треба и мора да има. Но, во исто време не какви било туку само фер и демократски избори се решение и излез. Се друго ќе значи продлабочување и радикализирање на кризата, рече Црвенковски.
Според него, сите пет услови кои СДСМ ги дефинираше за да се врати во Парламентот се легитимни и логични.
Истиот ден кога условите ќе бидат исполнети, потенцираше Црвенковски, СДСМ ќе се врати во Собранието, а како што истакна, со искрена политичка волја и интензивна работа, целокупното усогласување на условите може да заврши најдоцна до 15 март.
- Потоа, целокупната подготвителна активност може да заврши најдоцна до 20 април кога Собранието ќе се распушти и ќе се исполнат условите предвремените парламентарни избори да се одржат во средината на јуни, додаде Црвенковски.
Одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на СДСМ рече дека предвремените парламентарни избори воопшто нема да го попречат пописниот процес кој треба да се одржи во април.