
Скопје, 8 март 2011 (МИА) - По повод претстојните активности за свечено одбележување на отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, што денеска и во наредните два дена ќе се одржуваат во Скопје, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека в среда и четврток ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на дел од сообраќајниците во близина на Меморијалниот центар.
МВР соопшти дека утре поради одржувањето на Комеморијална академија во сеќавање на холохаустот на Евреите од Македонија во објектот на Македонската опера и балет во периодот од 17 часот на улицата „Стив Наумов“ ќе се воспостави посебен режим на сообраќај на пристапот кон подземниот паркинг кај МНТ. Кон паркингот ќе се пропуштаат само возила на ВИП личности и возила на лица кои се поканети на свеченоста, а откако ќе се пополни наведениот паркинг простор, останатите гости ќе се упатуваат да паркираат на крајната десна сообраќајна лента на ул.„Стив Наумов“.
Исто така, од среда вечерта ќе се воспостави посебен сообраќаен режим на улиците „11.Март“ и „Црвена Општина“ (кај старата автобуска станица), како и на паркинг просторот пред хотелот „Стоун Бриџ“, а во пресрет на настаните што следат во четврток. Притоа, на наведените улици нема да биде дозволено движење и паркирање на возила, а возилата кои ќе бидат затекнати ќе бидат отстранети со специјално возило “Пајак“.
Во четврток во периодот од 9:30 до 12 часот ќе се одржува централната свеченост на отворање на Меморијалниот центар, а сообраќајот ќе биде пренасочен по булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Лазар Личеноски“, како и по Вијадуктот кои ги поврзува овие две сообраќајници. По улиците „11 Март“ и „Црвена Општина“ (кон Меморијалниот Центар) ќе се пропуштаат само возила на ВИП личности и возила на лица кои се поканети на свеченото отворање.