Отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите

Скопје, 10 март 2011 (МИА) - Лекциите од холокаустот се важни и денес, како што беа и пред 70 години. Холокаустот не почна со концентрационите логори, туку со антисемитизмот и ширење на говорот на омразата по улиците. Тој не учи дека  фанатичката идеологија не може да се запре со попуштање и индиферентност. Западот мора да ги научи лекциите од минатото и да покаже решителност во однос на современите закани, истакна вицепремиерот на Израел Моше Јаалон  на официјалното отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Од име на државата Израел тој и се заблагодари на Владата на Република Македонија и премиерот Никола Груевски за враќањето на еврејските имоти и за одлуката за изградба на Меморијалниот центар на холокаустот.

- Ова е важно постигнување на Владата на Македонија, која е една од првите земји кои го финализирале враќањето на еврејските имоти, особено што овој акт го овековечува споменот на убиените Евреи. Оваа иницијатива да се создаде место за сеќавање на 7.148 Евреи кои некогаш беа дел од успешната еврејска заедница и да се едуцираат луѓето за важните поуки е значајно постигнување, посочи Јаалон.

- Мојот вредносен суд ми велеше дека мора да најдеме начин за да одбележиме дека овде живееле луѓе, наши сограѓани кои со нас го делеле и доброто и злото, кои чесно работеле и со своите вложувања создале имот, кој некој друг бесправно им го одзел, но без разлика на се, тие и постхумно имаат исконско право на тој имот затоа што со мака и откажувања го создале. Владата, во која тогаш бев министер, ја прифати идејата, од денационализацијата на имотот кој немаше правни наследници да создадеме Фонд и да изградиме Меморијален центар кој од една страна ќе биде градба која ќе одбележува, поврзува и создава нови вредности, а од друга страна ќе биде своевидно ревалоризирање на трудот и имотот на сограѓаните Евреи, истакна премиерот Никола Груевски.

- Овој Меморијален центар е израз на длабоката верба дека со труд и дело можеш да придонесеш за една сатисфакција, макар и морална, за победата на доброто над неправдите и за триуфм на духот. Градевме за да потсетиме, за да одбележиме, за да порачаме - да се запамети за никогаш да не се повтори,  рече Груевски, кој пред влезот на Меморијалниот центар го запали и вечниот оган за Евреите од Македонија за кои истакна дека без вина осудени и егзекутирани  ја дале најголемата жртва на олтарот на слободата.

Претседателката на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Лилјана Мизрахи посочи дека Македонија е единствена земја во светот што донела закон за денационализација со посебни одредби за формирање фонд од имотите на оние кои не преживеале во  нацистичките логори и немаат наследници, а чии имоти само од таа причина останале во сопственост на државата. 

- Од 2002 година почна сериозна истражувачка работа, за секоја жртва - име по име, човек по човек, судбина по судбина. Во 2005 е поставен камен-темелникот на Меморијалниот центар, во декември 2007 е целосно завршена реституцијата со што се обезбедени средства за овој законски проект, информираше Мизрахи.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Бјанка Суботиќ посочи на повеќевековното присуство на Евреите на овие простори кои изградиле блиски односи со македонскиот народ воспоставувајќи заедничка историја, култура и вредности, но и делејќи иста судбина и борејќи се рамо до рамо за слободна Македонија.

- Генерациите на холокаустот полека исчезнуваат. Ние нивните наследници правиме се што е во наша моќ да запаметиме и да ги собереме сите информации за тоа што се уште остана непознато за годините на ова ужасно патење на еден народ, кој беше испратен во смрт изговорајќи ги еврејските молитви, рече Суботиќ.

Церемонијата на официјалното отворање почна со внесување на трите урни со пепел од жртвите во Треблинка чие вечно почивалиште ќе биде во Меморијалниот центар. Тие во поворка и со гардиска придружба беа пренесени од Музејот на Град Скопје, преку плоштадот и Камениот мост. 

Во Меморијалниот центар лоциран на некогашното Еврејско маало ќе има постојана изложба со подробен приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, за животот на сефардските Евреи по нивниот прогон од Шпанија во средниот век и нивниот придонес во општеството, а ќе има и сеќавање на трагичното патување во логорот на смртта Треблинка за што во едно катче од музејот е поставен еден од железничките вагони со кои биле одведени во смрт.

Рабин Ендрју Бејкер истакна дека по долги 68 години 7.148-те Евреи од Македонија добиваат прикладен споменик. - Во овој центар ќе ги видиме нивните лица, ќе можеме да ги спомнеме нивните имиња, да ги слушнеме нивните приказни, како и да запалиме свеќа и поставиме камен-плоча. Ние, исто така, ќе се молиме дека од нивните животи  сочувани во нашите сеќавања ќе искрсне надеж, истакна рабинот Бејкер. 

На отворањето беше прочитана декларација за мир, толеранција и меѓурелигиско уважување усвоена на вчерашниот форум на верски лидери, која ќе биде доставена до сите светски организации и до сите верски институции. Церемонијата заврши со еврејски молитви кадиш и Ел Рахамим.

Покрај голем број гости од земјава и странство, отворањето го следеа и претседателите на Македонија, Албанија и на Црна Гора Ѓорге Иванов, Бамир Топи и Филип Вујановиќ, пратеник од изралескиот Кнесет, верски поглавари и претставници од дипломатскиот кор.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Малата камила која мечтае да се омажи доаѓа во посредничка агенција. Подготвувајќи се да даде податоци, признава:
-Само, знаете, имам една физичка мана . . .
-Навистина? А...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на танцот
1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на...
1628.- Шведска и Данска во Штраслунд склучија...
1769.- Роден е Артур Велингтон, англиски...