
Скопје, 11 април 2011 (МИА) - Седницата за распуштање на Собранието на Република Македонија, претседателот на законодавниот дом Трајко Вељаноски ќе ја закаже во четврток на 14 април.
Одлуката за распишување на предвремените парламентарни избори, како што најави Вељаноски по денешната координација, се очекува да ја потпише на 15-ти овој месец.
На координативната средба што се одржа денеска претпладне тој доставил одлука за распуштање на Парламентот и во текот на денешниот и утрешниот ден очекува и пратениците од владејачкото мнозинство, но и народните избраници од опозицијата да се потпишат зад овој документ.
- Од моја страна беше поднесена одлука за распуштање на Собранието до координаторите и потпретседателите на Парламентот. Во текот на денешниот ден и утре ќе се собираат потписи од сите пратеници за распуштање на Собранието. Утре треба да бидат доставени до мене како претседател и да закажам седница за распуштање. По добивањето на одлуката за распуштање на Собранието, која очекувам да биде потпишана и од власта и од опозицијата, ќе закажам седница во четврток на 14 април и верувам дека ќе биде изгласана, а на 15 април ќе го потпишам решението за распишување на избори, согласно датумот кој што го договорија лидерите, изјави Вељаноски.
На координативната средба е договорено денеска да бидат завршени точките од дневниот ред на 148. седница, меѓу кои да бидат изгласани измените на Изборниот законик и дополнувањето на Законот за пратеници, а утре да се гласаат законите за кои е потребно двотретинско мнозинство, вклучувајќи го и амандманот на Уставот и точката за избор на претседател на Државната изборна комисија. За претседател на ДИК СДСМ го предложи Борис Кондарко.
Претседателот на Собранието упати апел до сите пратеници да дојдат на гласањето за претседателот на ДИК или во краен случај на седницата в четврток кога ќе се расправа за распуштање на Собранието, да ги кажат своите ставови за да можат граѓаните на Република Македонија да ја одберат својата опција.
- Сметам дека треба да бидеме коректни. Да кажуваме дека не сакаме бојкот, а да бојкотираме тоа е некоректно. Сакам сите пратеници кои се избрани од граѓаните на Република Македонија да ги застапуваат нивните интереси овде во Собранието и да смогнат сили барем на крај да ја изгласаме одлуката на Собранието. Да го вратиме мандатот на граѓаните на Република Македонија и граѓаните да одлучат на кого треба да го дадат правото да раководи со државата, рече Вељаноски.
Предвремените парламентарни избори во Македонија треба да се одржат на 5 јуни.