
Скопје, 14 април 2011 (МИА) - Собранието на Република Македонија на денешната 149. седница ја изгласа Одлуката за самораспуштање, со што заврши мандатот на досегашниот пратенички состав и се отвори можност за распишување предвремени парламентарни избори.
За одлуката за распуштање на законодавниот дом, што ја предложи претседателот на Собранието Трајко Вељаноски со поддршка од 79 парламентарци, гласаа 79 пратеници, немаше против, ниту воздржани.
На седницата покрај парламентарното мнозинство, присуствуваа и пратениците на опозициските ЛДП, ДПА, НД, но не и на СДСМ, НСДП и ЛП.
Вељаноски најави дека по распуштањето на Собранието утре ќе ги распише предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 5 јуни. Изборниот законик предвидува избори да се одржат во рок од 60 дена по распуштањето на Парламентот.
Претседателот на Парламентот во име на предлагачите образложувајќи ја Предлог одлуката рече дека наместо уцени потребна е сеопфатна вклученост во изборниот процес првенствено на опозицијата и на невладиниот сектор.
- Поставивме високи стандарди, кои не треба да дозволиме да се срушат. Сепак, иако вложивме многу труд, неодговорното однесување на некои политичари се заканува да го урне постигнатото. Во таа смисла, како првопотпишан на барањето за распуштање на собранието, чувствувам длабока одговорност да ве повикам да застанеме во одбрана на иднината на Македонија, нагласи Вељаноски.
Според него, добро е што одлуката за распуштање на Парламентот се случува по значајни настани како што се дискусиите во Стразбур во Европскиот парламент и средбите со највисоките претставници на Европската Унија во Охрид. - На тој начин по неколку прашања, а особено по прашањето на бојкотот, на македонското Собрание можеме да бидеме сосема на чисто што тоа значи за една држава кандидат за член на Унијата, додаде претседателот на Парламентот.
Говорејќи за бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата, тој рече дека тоа не само што не придонесува нешто да се разреши, туку – напротив, служи како една вид грда легитимација, со која сакале или несакале, сите заедно се преставуваме пред светот.
- Мора да имаме верба во остварувањето на прогресот. Мора да имаме верба дека времињата на нашите деца ќе бидат подобри од нашите времиња. Македонија е нашата најголема задача, што ни ја доделила историјата. Успешното остварување на оваа цел е вистинскиот најголем предизвик за Собранието. Знам дека ќе ја оствариме оваа голема обврска. Затоа, одиме на избори. Нека одлучи гласот на граѓанинот, истакна Вељаноски.
За партиите од владејачкото мнозинство, предвремените избори се единствен начин да се излезе од вештачки предизвиканата криза, да се прекине бојкотот на опозицијата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева образложувајќи зошто владејачкото мнозинство прифаќа да оди на избори истакна оти и тоа, како и се што досега направиле, е единствено во интерес на граѓаните.
Во Собранието, рече таа, владееше дух на разбирање и толеранција, се до оној момент кога на 1 јули се случи инцидентот во Собранието предизвикан од опозицијата. Таа не сакаше инцидентот да биде разрешен, што, како што додаде Бонева, е една од повеќето причини за напуштање на Собранието.
Бојкотот на опозицијата, штетата што со тоа ја направи, заплашувањето на јавноста, креирањето на вештачка криза, рече Бонева, се дел од причините ВМРО-ДПМНЕ прифати да оди на избори.
И нејзиниот сопартиец Александар Николовски се согласува со ставот на Бонева.
- Се одлучивме да одиме на парламентарни избори повеќе од една година пред истекот на мандатот за да не дозволиме некој да си игра со иднината на Македонија, но и на транзиционите политичари, особено на Бранко Црвенковски да му дадеме шанса да види каде му е местото, рече тој.
Рафиз Алити од ДУИ изнесувајќи го ставот на партијата истакна дека иако сметале оти во интерес на државата не било да се оди на предвремени избори, сепак го прифатиле предизвикот за Собранието да не работи без опозицијата и за да се продолжи со работа во интерес на граѓаните.
- Во интерес на македонските граѓани и на земјава не беше да работиме без опозицијата во Собранието. Ние како владејачка коалиција имавме повеќе од 80 пратеници и можевме да работиме и без нив, но тоа не е добро. Одлуката за предвремени парламентарни избори ни беше наметната и ние затоа прифативме избори во интерес на перспективата на земјата, рече Алити.
Тој појасни дека нивниот став бил оти требало да се оди на редовни избори за да може во меѓувреме да се решат сите проблеми и да се оди напред во процесот на евроинтеграции, заради што и не помислиле да ја напуштат владината коалиција.
И за Павле Трајанов предвремените избори не се најидеалното решение, но, како што рече на барање на опозицијата и поради нејзиниот бојкот, тие станале единствен излез од ситуацијата за да може по нивното завршување и формирање на нова Владата да се продолжи напред.
За опозицијата распуштањето на Собранието и предвремените избори се добра вест за граѓаните со цел, како што истакнаа пратениците од присутните опозицски партии, да се стави крај на лошата политика на власта.
Јован Манасијевски од ЛДП забележа дека за летаргија на пратениците од владејачкото мнозинство во денешните дискусии, што како што посочи, говори дека натерани и со голема резерва одат на избори, исто како и СДСМ.
- Се плашите бидејќи е јасно е дека македонскиот граѓанин созрева, оти се создава критична маса која гледа оти 20-годишното владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не води никаде, рече Манасијевски и додаде дека најголемите промашувања на оваа Влада се уназадувањето на демократијата, лошата политика во областа на економијата и евроинтеграциите.
Флора Кадриу од Нова Демократија посочи дека нејзината партија се вратила во Парламентот по три месеци бојкот само, како што рече, да даде придонес тој да се распушти и да се промени Владата која, според неа, имала катастрофални политики во сите сфери.
Пратениците од ДПА, кои по подолг бојкот на Парламентот, денеска присуствуваа на седницата за распуштање, за досегашниот негов состав истакнаа дека работел на штета на Албанците и на сметка на јакнењето на македонскиот национализам, а своето присуство го образложија како придонес за тој побрзо да замине во историјата и да се избере нова влада.
Досегашниот, беше шести парламентарен состав од осамостојувањето на Република Македонија, а беше избран исто така на предвремени парламентарни избори на 1 јуни 2008 година.