Скопје, 21 јуни 2011 (МИА) - Првите свидетелства отпечатени од електронски дневник денеска им беа врачени на првенците во 2010/2011 во средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, каде што изминатата учебна година Е-Дневник се реализираше како пилот-проект, а од 1 септември ќе биде воведен во сите основни и средни училишта.
- Училиштата ќе имаат можност за печатење на свидетелствата преку системот Е-Дневник под услов редовно да ги внесуваат и ажурираат сите релевантни податоци за учениците, вклучително и нивниот успех, изјави министерот Никола Тодоров кој заедно со скопскиот градоначалник Коце Трајановски ги врачи првите свидетелства од Е-Дневник на најдобрите ученици во ГУЦ.
Придобивка на овој систем е и трајното зачувување на податоците. Тие не може да бидат загрозени од несакани дејства, како што неодамна се случи во велешко Иванковци кога во пожар изгореа сите матични книги и дневници.
Тодоров посочи и на финансиската предност на проектот што ќе им заштеди средства на училиштата кои досега за печатење на свидетелствата им плаќаа на надворешни фирми. Во Скопје цената е околу 70 денари по ученик и двојно повеќе за матурантите зашто покрај свидетелство тие добиваат и диплома.
- Со користење на оваа функционалност сите училишта во Македонија од наредната учебна година ќе можат да заштедат значителни финансиски средства кои по училиште се движат околу 1.500 евра, а во целата држава заштедата по овој основ ќе биде нешто под 20 милиони денари. Ова е сериозна заштеда и нив училиштата ќе може да ги искористат за други намени и продуктивни цели за унапредување на образовната инфраструктура, истакна министерот за образование.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски посочи дека МОН и Владата вложуваат во модерна програма што штеди и време зашто им овозможува на родителите да имаат увид во работата и успехот нивните деца, а да не мора да доаѓаат во училиште. Додаде и дека Е-дневникот ќе им ги подобри менаџерските вештини на директорите и наставниците.