
Скопје, 4 јуни 2011 (МИА) - Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за в среда закажа седница на која треба да биде утврден бројот на потпретседатели и да бидат изгласани одлуки за основање постојани работни тела и делегации и пратенички групи за меѓународна соработка. Од неговиот Кабинет информираат дека се уште не се знае за кога би можело да биде закажана седница за избор на новата влада.
Се предлага Собранието и натаму да има тројца потпретседатели, како и претходниот состав, а според законот еден од нив да биде од опозицијата. На друга седница ќе се гласа за персоналните решенија, што ќе стигнат како предлози од пратеничките групи.
Во среда се очекува да бидат донесени и одлуките за основање постојани работни тела на Парламентот и за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување меѓународна соработка. За четврток, според најавите на пратениците, би можела да биде закажана седница на Комисијата за избори и именувања, на која треба да биде утврден составот на овие тела и делегации.
На дневен ред на седницата е и измена на Одлуката за основање Националниот совет за евроинтеграции, а се предвидува членовите на ова тело да имаат и заменици. Во образложението на Одлуката се наведува дека заради континуитет во остварувањето на своите надлежности, а со цел надминување на одделни појави кои во досегашното работење на Советот се случуваа, во составот на Советот треба да се предвидат и заменици членови, што всушност е и препорака на Националниот совет.