
Скопје, 6 јули 2011 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски пред почетокот на денешната втора седница информираше дека оставки на пратеничките функции поднеле Никола Груевски, мандатарот на новата Влада и Горан Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на член 153 од Изборниот законик.
Мандатарот Груевски оставката ја поднел денеска.
Координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на НСДП и ЛП, Игор Ивановски и Горан Мисовски побараа од Вељаноски постапката да се повтори бидејќи според Уставот, пратениците треба лично да се изјаснат за оставките.
Првиот парламентарец потсети дека, според досегашната практика, оставките само се констатираат.
- Личен чин на секој пратеник е да поднесе оставка. Се констатира без расправа, тоа било досега пракса и ќе продолжи, изјави Вељаноски.
По изгласувањето на дневниот ред Собранието ги донесе одлуките за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, за основање постојани работни тела и за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување меѓународна соработка и за изменување на Одлуката за основање Национален совет за евроинтеграции.
Собранието повторно ќе има тројца потпретседатели, а тие најверојатно ќе бидат избрани на следната собраниска седница.
Со последната одлука се предвидува Националниот совет да има и заменици - членови имајќи ги предвид препораките на претходниот состав на ова тело.
Утре седница ќе одржи Комисијата за избори и именувања кој треба да утврди повеќе одлуки за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, на делегации на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), на Парламентарното собрание на Северно-атлантската договорна организација (ПС НАТО), во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), во Парламентарната димензија на Централно - европската иницијатива (ПС ЦЕИ) и во Парламентарното собрание на Медитеранот (ПС на Медитеранот.
На седницата ќе бидат разгледани и доставените барања за остварување на плата по престанок на функцијата пратеник односно апанажа.