
Вашингтон, 3 април 2012 (МИА) - Педесет и четири конгресмени од редовите и на демократите и на републиканците испратија писмо до претседателот Барак Обама во кое бараат од неговата администрација да осигура дека НАТО конечно ќе и ја понуди на Република Македонија заслужената формална покана да и се приклучи на Алијансата на Самитот во Чикаго кој ќе се одржи на 20 и 21 мај годинава, соопшти денеска Обединетата македонска дијаспора.
- Педесет и четирите потписи претставуваат најголема поддршка досега од Конгресот за македонските аспирации за членство во НАТО што е трипати повеќе во однос на Самитот во Лисабон. Ова не е само писмо, туку и симбол на растечката поддршка од САД за Македонија и на фрустрацијата поради статус-кво ситуацијата, изјави Методија Коловски, претседателот на организацијата на македонските иселеници во САД.
Тој додаде дека ова претставува и потврда за напорната работа на македонско-американската заедница во изминатите години која немаше да се случи без граѓанскиот активизам како писма, телефонски повици и средби со претставниците во Конгресот.
Писмото од конгресмените, според ОМД, е признание за македонскиот придонес кон демократијата, стабилноста и безбедноста во светот вклучувајќи ги и НАТО-мисиите во Косово, во Босна и во Либан, како и во Авганистан каде што Македонија е четврта земја придонесувач во ИСАФ според бројот на жители. Во писмото се посочува и на учеството на Македонија во операцијата Слобода за Ирак во периодот од 2003 до 2008 година.
Конгресмените бараат од претседателот Обама да застане зад своите зборови упатени од Лисабонскиот самит на Алијансата во 2009 година дека „се радува на денот кога САД ќе и посакаат добредојде на Македонија во Алијансата и оти вратите на НАТО ќе останат отворени за нови членки кои ќе ги постигнат неговите стандарди и кои можат да дадат значителен придонес кон безбедноста на сојузниците“.
- Ако на македонските војници може да им се довери безбедноста на НАТО-шаторот во Авганистан тогаш тие треба да бидат поканети во тој шатор. САД и нашите НАТО-сојузници треба позитивно да одговорот на овие напори со поддршка на македонските аспирации за формално интегрирање во Алијансата. Силно ја повикуваме вашата администрација да работи во партнерство со нашите НАТО-сојузници за да го заврши процесот почнат на Вашингтонскиот самит во 1999 година кога на Македонија и беше доделен првиот Акциски план за членство и да и врачи формална покана на земјата да се приклучи на НАТО на Самитот во Чикаго во мај, стои во писмото од конгресмените.
Меѓу потписниците на писмото се 22 републиканци и 32 демократи, а копии од писмото се испратени до потпретседателот Џозеф Бајден, државниот секретар Хилари Клинтон, секретарот за одбрана Леон Панета, како и до генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен.