
Скопје, 13 април 2012 (МИА) - Ги правиме сите напори да ги расчистиме околностите во кои
пет лица најверојатно без некоја посебна причина беа убени. Мобилизирани се сите служби на МВР, повикани се сите полициски службеници да се јават на должност. Апелираме да се смират страстите и да не се придонесува кон дополнително подгревање на тензиите, порача во изјава министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
- МВР интензивно трага по сторителите и по утврдување на мотивите за убиството. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на убиените и апелираме да се смират страстите, медиумите да се воздржат од шпекулации и да не се подгреваат меѓуетнички тензии, рече Јанкулоска и додаде дека досега на распит во МВР се повикани 25 до 30 лица.
Министерството, посочи, веднаш по пријавувањето на настанот ги презеде сите неопходни активности за обезбедување на траги кои понатаму би можеле да водат во насока на откривање на сторителите.
- Имаме првични информации околу околностите во кои е извршено убиството меѓутоа цениме дека премногу детали би можеле да и наштетат на истрагата. Мораме да бидеме умерени со информациите кои ги објавуваме во јавноста бидејќи сторителот или сторителите се се уште на слобода, нагласи Јанкулоска.
Во 23 часот минатата ноќ, појасни, е констатирана смрт кај петте лица.
- На телата се видливи траги од огнострелно оружје и на лице место се пронајдени поголем број на чаури. Увидот заради недовлната пристапност на теренот и отежнатите услови во присуство на истражен судија и јавен обвинител траеше до 5 часот утрово, а поширокиот периметар на местото на настанот се обезбедува и сега се со цел да се обидеме да најдеме дополнителни траги кои би помогнале во истрагата, рече Јанкулсока.
Апелираме, нагласи, до сите за воздржаност од секакви шпекулации и подгревање на страстите и поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост и ги повикуваме сите граѓани кои на било кој начин би можеле да дадат придонес во смисла на обезбедување на информации околу настанот и она што му претходело или околу било кои околности што би можеле да ни бидат од помош да ги пријават до МВР.
- Ги преземаме сите активности и во насока на расчистување на овие настани, а уште повеќе во насока на превенирање на понатамошна ескалација на состојбата бидејќи е евидентно дека на повеќе локации во Скопје има собирање на поголеми групи на граѓани. Апелираме до сите граѓани да овозможат институциите да ја завршат својата работа и колку што е можно побрзо да излеземе со прецизни информации околу настанот, потенцира Јанкулоска.
Досега, посочи, се пријавени оштетување на три автомобили и два автобуси на улиците Бутелска и Радишанска.
- Правиме напори да се смири состојбата и изразите на солидарност со семејствата на жртвите да поминат колку што е можно помирно и без натамошна ескалација на настаните, рече Јанкулоска, нагласувајќи дека присуството на полцијата на терен дополнително ќе биде зголемено за престојните празници на кои вообичаено има јавни собирања, со цел да не дојде до понатамошна ескалација на настаните.