Скопје, 27 јули 2012 (МИА) - СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.М. (27) од село Арачиново, поради постоење основано сомнение дека сторил шест кривични дела „измама“.

МВР соопшти дека Б.М. со намера за себе да прибави противправна имотна корист, оштетил односно измамил повеќе лица доведувајќи ги во заблуда дека ќе ги вработи во Министерството за внатрешни работи (во еден случај ветил вработување во Министерството за финасии на негов поранешен училишен другар) притоа земајќи од оштетените различни суми пари (евра) како надомест за „завршената“ работа.
Со лажно прикажување како висок функционер во МВР и слично, покрај вработувања, на дел од оштетените им ветувал и дека ќе им обезбеди дипломи за завршен четврти степен средно образование при што сумата што најчесто ја барал за „услугите“ изнесувала до 5.000 евра. Дел од парите ги добивал веднаш, а остатокот барал оштетените да му го исплаќаат по завршената работа како месечни рати од по 100 евра. Досега во СВР Куманово се евидентирани и документирани шест случаи на измама.
Во два од тие случаи на оштетените Р.С. од село Табановце и Ф.Т. од Куманово, кои биле пријавени на конкурсот за прием на полицајци во МВР, но по направените тестирања биле известени дека не ги постигнале бараните резултати, пријавениот им побарал по 5.000 евра за да ги вработи во МВР и тоа 500 евра да му исплатат веднаш, а остатокот од да му ги даваат во месечни рати од по 100 евра во наредните три години откако ќе бидат вработени. Во други два случаја кои исто така се однесуваат на пријавени кандидати на конкурсот за полицајци на оштетените Д.В. и Н.Р. двајцата од село Табановце им побарал 1.500, односно 1.700 евра за вработување во МВР. Во еден случај од оштетениот Б.Ц. од Куманово за да го вработи во МВР побарал 700 евра, при што авансно му земал 300 евра, а се договорил останатите 400 евра да ги добие по завршената работа. Воедно му ветил на оштетениот дека неговата диплома од завршен трет степен средно образование ќе ја му ја „среди“ во диплома од четврти степен средно образование за што му побарал дополнителни 250 евра по завршувањето на работата. Во последниот засега документиран случај, Б.М. го измамил Н.Ј. од Куманово, негов поранешен училишен другар кому му ветил дека ќе го вработи во Министерството за финасии при што веднаш му побарал копии од разни документи како и 5.360 денари за такси бидејќи наводно бил последен ден од пријавувањето за конкурсот. Но, откако ги зел парите повеќе не стапил во контакт со оштетениот.
По предходно добиена судска наредба извршен е претрес на Б.М и во негово возило марка „Ровер“, при што се пронајдени 450 евра, повеќе фотокопии од дипломи, уверенија за државјанства, индекси, изводи од матична книга на родените итн.
Б.М и порано е пријавуван за кривични дела „измама“.