Пекинг, 2 јули 2013 (МИА) - Премиерот Никола Груевски денеска во Пекинг имаше средба со претседателот на Народна Република Кина Џипинг Си, на која двајцата соговорници ги поздравиле пријателските односи кои постојат помеѓу двете држави на секое ниво од билатералната соработка.
На средбата, како што информираат од владината прес-служба, било констатирано дека меѓусебните односи во континуитет бележат нагорен тренд и се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и високиот степен на доверба.

Премиерот Груевски истакнал дека во соработката со Народна Република Кина, Република Македонија гледа можност за стратегиско партнерство, особено во полето на развојот на економските односи, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Соговорниците заклучиле дека областите каде може да се забележи значителна соработка е инфраструктурата и градежништвото, енергетиката, како и медицината.
Македонскиот премиер го запознал претседателот Џипинг Си со реформите кои се спроведуваат во Македонија, како и со мерките кои ги презема Владата во контекст на привлекување на инвестиции и бројните поволности за водење на бизнис. Притоа истакнал дека Македонија е отворена со полн капацитет за иницијативата на кинеската Влада за потесна соработка во економијата помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа.
премиерот Груевски ја реафирмирал отворената поволна опција на македонската Влада за изградба на технолошко индустриска развојна зона наменета само за кинески компании во нашата земја, при што детално биле презентирани предностите и условите кои се важни при одлучувањето кинеските компании своите бизниси за покривање на потребите на европскиот пазар да ги лоцираат и да инвестираат во Република Македонија.
- Со претседателот на Кина поразговаравме и за други работи. Уште еднаш ја реафирмиравме нашата поранешна понуда за отворање на специјална зона за кинески компании во Република Македонија. Тука сеуште постои интерес за тоа, се разбира потребни се нови анализи затоа што се работи за нова власт, нов претседател, нов премиер, комплетна промена на раководството во Кина и се надевам дека во иднина ќе има интерес за инвестирање од страна на кинески компании во Република Македонија. Ја објаснив и добрата бизнис клима во Македонија, фактот што Македонија има договор за слободна трговија со сите земји на континентот Европа што за секоја кинеска компанија би значело една одлична можност да произведува во Македонија, каде што има ниски трошоци, добро образована работна сила, а можност да продава насекаде низ Европа, и се разбира зборувавме и за други аспекти, за зајакнување на размената на туристи, за поддршка на други проекти и начини на соработка помеќу Македонија и Кина, изјави премиерот Груевски по средбата.
Во однос на иницијативата на Кина за алоцирање на 10 милијарди долари средства на кинеската Влада за финансирање проекти, премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост е подготвена да учествува во неа со конкретни проекти.
- Она што е значајно е дека претседателот на НР Кина даде поддршка за учеството на Македонија во партнерството што Кина го отвори преку проектот за партнерство со земјите од Централна и Источна Европа, за кое што Македонија е заинтересирана и за кое што веќе започна одредени постапки во обезбедување на преференцијални заеми за поддршка на одредени проекти во Република Македонија. Јас сум задоволен што новиот претседател на Кина даде поддршка за такво нешто за Република Македонија, а се надевам дека во наредниот период тоа ќе резултира и со конкретно завршување на одредени подготовки за проекти и нивно спроведување, изјави Груевски.
Претседателот Џипинг Си изразил благодарност за посетата и посочи дека Кина останува добар пријател и партнер на Република Македонија. Потенцирал дека учеството на Република Македонија на Конференцијата за соработка помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа покажува дека постои процес на постојано унапредување на релациите меѓу двете држави, факт кој што НР Кина го вреднува.
Тој го поздравил нагорниот тренд на развој на политичко економските односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека постои простор за понатамошно нивно интензивирање, особено во полето на економијата која е од значаен интерес на кинеската држава, чии добри економски резултати се должат на развојот на индустријата, земјоделието, технологијата и градежништвото, што во основа се полиња на интерес и на Република Македонија.
Премиерот Груевски позитивно ги оценил напорите и реформите на полето на економијата кои се прават во Република Македонија додавајќи дека тие се охрабрувачки и сигурно ќе привлечат внимание на глобалните кинески компании.
Претседателот Џипинг Си потенцирал дека кинеската страна со внимание ќе го разгледа предлогот за отворање на технолошко индустриска зона наменета за кинеските компании, истакнувајќи дека посетата на македонската делегација ја оправдува својата цел и говори за вистинско пријателство меѓу двете држави.
На средбата двајцата соговорници се осврнале и на можностите за соработка во туризмот, образованието и медицината.
Груевски и Џипинг Си размениле мислења и за повеќе глобални актуелни политички прашања потенцирајќи дека економијата останува главниот предизвик кој треба да влијае на зближување и развој на државите обезбедувајќи подобар стандард и живот за граѓаните.