
Скопје, 16 септември 2013 (МИА) - Доцна синоќа и утрово во рамки на полициската акција „Шпион“ која тече во изминатите две години приведени се 17 лица. Постојат сомненија за инволвирани 22, по три лица се трага, а од осомничените двајца веќе издржуваат казна затвор по друга основа. Извршени се претреси во домовите на 17 лица при што се одземени голем број компјутери, лап-топови, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови.
Според портпаролот Иво Котевски, најверојатно се работи за прв случај на шпионажа не само во Република Македонија, туку и во регионот. Инаку, лицата се осомничени за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама.
Според првичните информации, тие соработувале со странски безбедносни служби, оддавале државни тајни и класифицирани информации со различен степен. Работеле и со уцени и измами, а дел од осомничените обезбедувале податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и со закани изнудувале пари.
Од МВР потврдуваат дека се уште се вршат претреси. Од притворените има вработени двајца во Агенцијата за разузнавање, во Собранието, актуелни и поранешни вработени во МВР, во Одбраната, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, но и во приватни фирми.
Портпаролот на МВР Котевски нагласи дека обезбедена е обемна документација и на случајот се уште се работи.