Наградата „Прозарт“ за хрватската писателка Даша Дрндиќ Скопје, 31 март 2014 (МИА) – Писателката од Хрватска Даша Дрндиќ ја доби наградата „Прозарт” за 2014 година, која меѓународниот фестивал на прозата „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес во развојот на балканската книжевност.
Одлуката едногласно ја донел Одборот за доделување на наградата, а на Дрндиќ ќе и биде врачена на свеченото затворање на фестивалот, кој ќе се одржува од 27-ми до 29 мај во Скопје.
- Иако верувам дека нема претерано разумни причини било чие постоење да се ограничува на негова/нејзина национална, регионална или било која друга припадност, оваа награда ме радува бидејќи промовира литература напишана на јазиците кои при проценувањето на книжевните вредности често се заобиколуваат или запоставуваат со оглед на тоа дека не спаѓаат во таканаречените големи светски јазици. Така, се случува (било поради предрасуди, било поради тоа што процесот на промовирање и преведување на средноевропска, северноевропска или американска книжевност е полесна и помалку ризична работа) понекогаш просечни, па дури и книжевно ирелевантни дела да бидат незаслужено високо валоризирани. Оваа награда затоа можеби нуди можност и делата напишани на јазиците „од Балканот“ некако да се пробијат до поголем број на читатели, изјави Дрндиќ за наградата.
Дрндиќ е родена во Загреб. Од 1999 година работи како професор на Филозофскиот факултет во Риека, и предава модерна британска литература, американска и британска модерна драма, литература и филм, и креативно пишување. Предавала и на Универзитетот во Торонто. Активна е и како преведувач, пишува радиодрами, литературна критика, есеи... Учествувала на бројни книжевни резиденции низ Европа. Објавила десетина книги од областа на прозата и литературната критика.
За документарниот роман „Sonnenschein“ ги доби наградите „Фран Галовиќ“ и „Киклоп“ - двете за најдобра прозна книга во 2007 година, а беше номинирана и за книжевната награда на Јутарњи лист. Докторската дисертација на Даша Дрндиќ е на тема „Феминистички ракопис или политичка парабола: идеите за феминизмот и левицата во драмите на Лилиан Хелман”.
Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ го организира издавачката куќа „Икона“. Првото издание се одржа од 4-ти до 6 март 2013 кога наградата „Прозарт“ ја доби српскиот писател Владислав Бајац. Гости писатели лани беа Андреј Блатник од Словнија, Алек Попов од Бугарија, Андреј Николаидис од Црна Гора и Миљенко Јерговиќ од Хрватска.
|