Скопје, 29 јули 2014 (МИА) - Прашањето за името на Македонија е прашање кое засега многу земји вклучувајќи ги САД и Германија и многу земји сакаат да го видат решено со оглед на случувањата во светот. Проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку да се решаваат навремено, изјави денеска на прес-конференцијата во Владата медијаторот на ОН за спорот со името Метју Нимиц по средбата со премиерот Никола Груевски.
Тој истакна дека го поддржува интересот што германската канцеларка Ангела Меркел го покажала за решавање на името бидејќи многу земји се заинтересирани за стабилноста на регионот.
Запрашан дали изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас дека не постои македонски јазик придонесува кон решавање на спорот, Нимиц со став: - Нема да коментирам поединечни изјави. Меѓутоа, јас сум тука во Скопје. Знам дека луѓето имаат свој јазик. Во текот на цело време на преговорите постоеја изјави кои го одвлекуваа вниманието од главната цел, а тоа е изнаоѓање на решение, вели медијаторот Нимиц.
На новинарско прашање тој посочи дека мандатот на ОН е јасен и дефиниран согласно резолуциите на Светската организација и се однесува на името. ОН, подвлече Нимиц, не преговараат за идентитетите на народите.
- Народите си имаат свои идентитети и за нив не се преговара, туку тие го креираат со своите дела и културата. Оваа земја има свој идентитет, рече Нимиц на прашањето дали идентитетот е прашање за кое се разговара како што тоа го истакна неодамна германската канцеларка Ангела Меркел.
Кога разговараме со Грците, разговараме за името на државата и обете страни го знаат тоа, но, вели очигледно е дека има и други прашања во главите на луѓето во текот на овој кој се одвива долги години. - Но, суштината на разговорите е името на државата, дециден е посредникот на ОН.
Нимиц ги оцени како конструктивни разговорите со премиерот Груевски и очекува и грчката страна да покаже конструктивност. По средбите вели ќе знае кои ќе бидат следните чекори што ќе ги преземе, и оти очекува во следните месеци да биде постигнат напредок.
Во однос на разговорите, рече нема да зборува за конкретната содржина, но дека постојано има голем број идеи кои се поставуваат на масата и луѓето постојано даваат нови размислувања околу тоа што би било добро решение.
Медијаторот Нимиц денеска во Скопје се сретна со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Попоски, како и со новиот македонски претставник во разговорите за името Васко Наумовски.
Од Скопје Нимиц утре заминува за Атина каде ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, соопшти грчкото МНР.