Deutsche Welle

Бугарските пасоши за Македонците не ја постигнаа политичката цел?!

Дебатата за масовното и неселективно издавање бугарски пасоши на странци, откри и други мотиви во односот кон таквите барања од граѓани на Македонија

„Имам бугарски корени и се чувствувам како Бугарин“. Оваа едноставна реченица, изговорена како добро научен рефрен, а целосно ослободена од обврската за нејзино поткрепување со какви било документи, докази или проверка на вистинитоста, со години е магична формула преку која граѓани од Македонија и од регионот преку ноќ стануваа европски државјани. На најголемиот дел од нив бугарскиот пасош им стана главна „излезна варијанта“ - за патување во странство, за работа, трговија...

Големиот наплив на барања за бугарски државјанства и широкиот филтер низ кои со години поминуваа 90 отсто од нив, го вклучија алармот во Софија. Бугарските медиуми објавија дека Агенцијата за Бугарите во странство одбила да му даде на Министерството за правда досиеја на 2.000 странци што добиле документи за бугарско потекло и на брз начин стигнале до државјанство, со образложение дека тоа се „чувствителни лични податоци“. Откако беа откриени пропусти во работата на Агенцијата, извршена е кадровска смена во раководството, а воведени се законски измени и одредени рестрикции во процесот на добивање бугарско државјанство.

Нема евиденција

Во Македонија не се знае точната бројка на македонски државјани кои денес имаат и бугарски пасоши. Според портпаролот на МВР, Иво Котевски, полицијата нема такви податоци, бидејќи лицата со двојно државјанство немаат обврска да го пријавуваат другото државјанство во службите во МВР. Во недостиг на точни податоци, по прашањето колку Македонци имаат бугарски пасоши денес се лицитира со различни бројки - од 60 илјади до двојно повеќе.

Некој би помислил дека цел еден град од Македонија се преселил во Бугарија, но вистината е поинаква. Најголемиот број Македонци со бугарски пасоши денес живеат во Македонија. Иако бугарското државно обвинителство најави дека ќе ги проверува издадените државјанства, но и тековните апликации, медиумите пренесоа дека новите рестрикции нема да ги зафатат граѓаните на Македонија, туку само оние од Косово и од други земји, од каде кандидатите „доаѓаат со бурки, се повикуваат на бугарски корени, а не разбираат ниту еден збор од бугарскиот јазик“. Лидерот на бугарската партија ВМРО-БНД, Kрасимир Kаракачанов, разговарал за ова со претставниците на бугарската влада и усно му било потврдено дека новите услови нема да се поставуваат за македонските граѓани.

Две третини со бугарско потекло?

Но, дебатата по ова прашање во бугарската јавност, откри кои мотиви кои стојат зад широкиот филтер во однос на барањата од соседна Македонија. Во анализа под наслов „Да се воведе систем на бодување за добивање на државјанство“ објавена во весникот „Труд“, Спас Ташев, поранешен директор на Агенција за Бугарите во странство, објаснува дека посложен е проблемот со Бугарите во Македонија, каде од 1944 година не се издавани официјални документи за бугарско потекло.

„Да, има став на државната институција БАН од 1968 година, дека две третини од населението на Република Македонија е со бугарско потекло. Можеби токму поради фактот дека лицата со бугарско потекло се‘ уште се мнозинство меѓу населението крај Вардар, кандидатите што доаѓаат од таму за бугарско државјанство само со изјава пред нотар потврдуваат дека имаат бугарска самосвест и дека се Бугари, бидејќи нивните родители се Бугари. До тука се‘ звучи добро, но законот не предвидува можност за проверка на потеклото дадено преку изјава. За значењето на овој факт зборува една случка од 2012, на која бев сведок како набљудувач во Советот за државјанство. Македонски државјанин пополнил слична изјава и стекнал бугарско државјанство. Откако добил и словенечко, тој испрати навредливо писмо до Министерството за правда со барање да биде ослободен од бугарско државјанство, бидејќи никогаш не се чувствувал како Бугарин“, објаснува Ташев.

Затоа, тој сугерира дека е крајно време да се воведе систем на бодување за проценка на кандидатите за бугарско државјанство, бидејќи само така ќе се има јасна претстава кои лица навистина би биле горди со поседување на бугарски документи за лична идентификација.

Во македонските научни кругови се изненадени од споменатиот став што наводно го имала Бугарската академија на науки (БАН), но не сакаат да му придаваат значење. Академик Георги Старделов, вели дека прашањето со бугарските државјанства ќе изгуби секакво значење со влезот на Македонија во ЕУ.

„Не ми е познато дали БАН има таков став. Можеби тоа е повеќе лично мислење на некој нејзин член, отколку на целата Академија. Во минатото од таа институција имаше одредени напади врз македонскиот идентитет. Но, тие остануваат во минатото. Ако ги расчепкаме старите рани повеќе ќе имаме штета отколку корист. Ние денес отвораме нова страница во односите меѓу двете академии. Работиме на заеднички проекти, организираме научни дебати. А, прашањето за бугарските државјанства кои ги добиваат македонски граѓани сосема ќе исчезне кога Македонија ќе влезе во Европската Унија“, вели Старделов.

Колегите од БАН и МАНУ, кои од пред две години воспоставија успешна соработка, повеќе пати потенцираат дека тие ќе се занимаваат со прашањата од науката и културата, а историјата ќе им ја остават на историчарите. Таквиот став во голема мера ги ослободи двете институции од поранешни антагонизми.

Политичка стратегија

Врелите костени повторно им остануваат на историчарите. Историчарот Зоран Тодоровски смета дека на Ташев само му послужила како оправдување некоја национална програма на БАН во која пишува дека две третини од Македонците имаат бугарско потекло.

„Во Бугарија се служат со една статистика за бројот на бугарски државјанства што ги добиле граѓани на Македонија, но факт е дека најголемиот број од нив ниту имаат бугарско потекло, ниту се чувствуваат како Бугари. Тие бугарските државјанства ги земаа во изминатите години од економски причини. Доказ за тоа се и примери на Албанци од Македонија кои земаа бугарски пасоши, а тешко може да се рече дека имаат бугарски корени. Но, тој процес веќе запре пред неколку години, за што придонесе подобрувањето на економската клима во Македонија. За тоа се свесни и бугарските власти. Во однос на граѓаните од Македонија не функционираат никакви рестрикции за добивање бугарско државјанство. Целта на тоа е да се реализира политичка стратегија, односно да ги поткрепат нивните историски искажувања дека во Република Македонија навистина живеат Бугари“, смета Тодоровски.

Оние кои стравуваат дали историчарите би можеле да го расипат позитивниот учинок на академиците, ќе бидат изненадени. Ставот на Тодоровски добива директна потврда во заклучокот на Ташев.

„Сметам дека досегашната политика на Бугарија на безусловно давање на бугарско државјанство е во одминат стадиум, откако се претвори во цел сама за себе и не доведе до очекуваните посериозни резултати: ниту Македонија значително се ребугаризира, ниту влијаевме врз општествените процеси таму, дури не ја решивме и демографската криза. Самиот факт дека веќе повеќе од една деценија зборуваме за присуството на посредници во процесот на стекнување на бугарско државјанство и дека во сите овие години ниту еден посредник не отпаднал, покажува дека има нешто погрешно во досегашниот механизам. Јасно е дека треба да ја смениме не само практиката, туку и филозофијата на процесот, за да одиме напред и ги решаваме прашањата“, заклучува Ташев.

Каква би била новата филозофија на процесот е нејасно. Но, факт е и дека се намалува бројот на барања за бугарски пасоши. Во бугарското Министерство за правда во првите девет месеци од 2014 година се заведени над 10.000 барања за бугарско државјанство, а во текот на целата измината година имало 17.512. И покрај тоа, Македонците се‘ уште предничат во барањата. Од 4.578 лица кои добиле бугарско државјанство во првите девет месеци од оваа година, 1.720 се Македонци. Лани 4.852 Македонци обезбедиле бугарско државјанство од вкупно издадените 7.701. Зад Македонците се граѓаните на Молдавија, кои лани добиле 1.613, а годинава 1.063 државјанства, потоа Украинците - лани со 182, а годинава со 797 државјанства, и Србите - лани со 186, односно со 273 државјанства годинава.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Патролира цајкан навечер по парк, кога гледе мрда некоја грмушка.
- Кој има таму викнал, и излегува гол дечко. Што правиш таму?
- Еве е..м
- Опаа, на јавно место, ај казна 1000...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1791.- Роден е Мајкл Фарадеј, англиски физичар и...
1792.- Во екот на војната со контрареволуцијата...
1862.- Американскиот претседател Абрахам Линколн...
1933.- Во Париз почна Светскиот младински...