
Скопје, 16 април 2015 (МИА) - Актуелната политичка криза во Македонија, начините за нејзиното надминување, но и евроатланските интеграции биле тема на денешните разговори на американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји со лидерот на Социјалдемократски сојуз Зоран Заев.
Ји по средбата изјави дека од својот соговорник побарал да најде начин СДСМ да се врати во Парламентот, заедно со сите засегнати страни да се однесуваат одговорно со цел да се надмине политичката криза, но и оти Владата треба да ја адресира содржината на разговорите.
- Сите страни треба да се однесуваат одговорно, да се обидат да најдат начин да ја разрешат кризата. Владата треба да посвети внимание на содржината на прислушуваните разговори, целосно да ги истражат обвинувањата за прекршувањето на законите и корупција. Веруваме дека во секоја демократија е важно опозицијата да ја игра својата демократска улога, која значи дека треба целосно да учествува во институциите, вклучително Парламентот, истакна Ји по средбата со Заев.
Му порачал на лидерот на СДСМ, како што посочи Ји, дека треба да најде начин да ја врати неговата партија во Собранието за да може да ја игра улогата која треба да ја има во Парламентот и да и помогне на Македонија да напредува во евроатланските интеграции.
На средбата Ји и Заев размениле мислења за ситуацијата во земјата и, како што истакна, заедничката цел - Македонија да напредува кон членството во ЕУ и НАТО.
- Силно веруваме дека има можности за натамошна интеграција Македонија во европските и евроатланските институции и тоа треба да биде примарна цел и на опозицијата и на владејачката партија и Владата, истакна американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји.
Тој вчера имаше средба со премиерот Никола Груевски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.