Исмаил Бојда: Македонците муслимани се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народСкопје, 24 јануари (МИА) - Сојузот на Македонците со исламска религија е огорчен од пораките на Конгресот на Партијата за европска иднина (ПЕИ) на Фијат Цаноски со кои за Македонците муслимани се бара уставен статус на културна заедница или повторно етикетирање со навредливиот синоним „торбеши“.
Сојзуот, како што рече на денешната прес-конференција неговиот претседател Исмаил Бојда, ги отфрла жалопојките за овој дел од македонската нација искажани на трибината организирана пред Конгресот на ПЕИ во Струга од Лилјана Поповска и Димитар Мирчев.
- Тие како наводна лоби-група за економски подем на Македонците муслимани не сработиле ништо, а суштински покажале некултура и непочитување кон нив, приклучувајќи се кон неприродните процеси на одродување со идејата за културна заедница на торбешите, рече Бојда, порачувајќи дека Македонците муслимани се неотуѓив и нераскинлив дел од живото ткиво на македонскиот народ, рамноправни со христијаните.
Тој побара од МАНУ и институциите на власта активно и ефективно да се вклучат во разрешувањето на како што рече, антимакедонските движења и процеси кои имаат негативни последици на македонскиот идентитет во целина и да преземат се за развојот на регионите во кои живеат Македонците со исламска религија.
- Безименоста никогаш нема да може да го сотре овој неотуѓив нераскинлив дел од македонскиот народ, макар што се Муслимани и со вера во Алах. Тоа што некој се срами да каже дека е Македонец е негов личен проблем, но ниту од позиции на власт, ниту од каква и да е политичка партија кој и да е не може Македонците муслимани да ги прави луѓе од сој, торбеши или се друго само не Македонци, порача Бојда.
Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија порача дека Македонците - муслимани од областа Гора за себе ќе побараат место во Уставот на Косово како посебна национална заедница без оглед какво ќе биде решението за косовскиот проблем. Тоа право, според него, им припаѓа како посебен национален ентитет што живее од обете страни на границата меѓу Косово и Македонија.
- Како Сојуз на Македонци со исламска религија, без разлика каков ќе биде статусот на Косово, бараме Гораните да влезат во Уставот на Косово како посебна етничка заедница Македонци од областа Гора, а не како што ги измисли Слободан Милошевиќ како посебна етничка заедница со националност Горани, или Горанци, рече Бојда, потенцирајќи дека идниот стаус на Косово не зависи од Гораните кои се малубројни, туку од меѓународната заедница.
|