
Македонското министерство за надворешни работи ќе реагира кај властите во Белград, Љубљана, Загреб, Софија и Сараево поради начинот на кој ја ословувале Македонија на финалната вечер на Евросонг, објавуваат денеска српските медиуми, повикувајќи се на информација на МНР од Скопје дадена за агенцијата Бета.
“Сите држави од поранешна Југославија (Србија, Хрватска, Словенија, БиХ), со исклучок на Црна Гора, во саботата навечер ја ословуваа Македонија по прв пат на изборот за песна на Евровозија со "Бивша југословенска република Македонија" (БЈРМ). Единствено Подгорица ја ослови Македонија со името под кое и ја призна, односно со нејзиното уставно име Република Македонија.
"Изминатите години тие исти држави ни се обраќаа со уставното име, односно со тоа со кое и не признаа. Во саботата тоа го прекршија. Ќе реагираме за да ги потсетиме дека официјално не признаа под уставното име"“, се вели во информацијата на МНР дадена за агенцијата Бета.
Македонија во ЕБУ (организатор на Евросонгот) е примена со името со кое се води во ООН (БЈРМ, анг.ФИРОМ), но до оваа година државите кои ја признаа под уставното име ја ословуваа со Република Македонија. Во саботата во Хелсинки за прв пат таа пракса беше изоставена.