
Сантјаго, 27 февруари (МИА) - Најмалку 64 лица загинаа во силниот земјотрес со јачина од 8,8 степени по Рихтеровата скала, кој утрово го погоди Чиле, јави Би-Би-Си, дополнувајќи дека бројот на жртвите би можел да биде многу поголем.
Пацифичкиот центар за следење опасност од цунами извести за плимен бран, висок над 2,5 метри.
- Читањето на податоците за нивото на морето покажуваат дека е покренат цунами кој би можел да биде разурнувачки за крајбрежната област во близина на епицентарот на земјотресот, а би можел да ги загрози и поодалечените брегови, се наведува во соопштението од центарот.
Земјотресот со епицентар во близината на градот Консепсион би можел да донесе цунами на бреговите на Чиле, Пери и Еквадор, но внимателни треба да бидат и оние во Панама, Костарика и Колумбија. Не се очекува дека цунамито би моело да дојде до бреговите на САД.
Чилеанската претседателка Мишел Бачелет прогласи состојба на катастрофа, но и го повика населението и покрај се да остане смирено.
Првиот земјотрес беше со јачина од 8,8 степени по Рихтеровата скала, а 18 минути подоцна следуваше уште еден, со интензитет од 6,2 степени.
Меѓународниот аеродром во Сантјаго е затворен и сите летови до и од тој аеродром се одложени.
Епицентарот на земјотресот е регистриран во близина на градот Консепсион, 317 километри југозападно од Сантјаго, на длабочина од речиси 60 километри. Земјотресот е почувствуван и во Аргентина.
Консепсион е втор по големина град во Чиле, каде живеат 200 илјади луѓе.
Во Чиле е регистриран и најсилниот земјотрес во светот. Во 1960 година загинаа 1.655 лица во земјотресот со јачина од 9,5 степени по Рихтеровата скала.