
Пред триесет години, наспроти кризата во Египет, на власт дојде Хосни Мубарак, кој за многу Египќани, но и за западните лидери беше симбол на стабилност! Денес кога во Египет повторно завладеа криза, Мубарак го гледаат како корен на проблемите.
Поранешниот пилот и генерал на Воздухопловните сили, Мубарак е познат како воинствен и тврдоглав лидер, кој своевремено презема демократски чекори, а потоа се повлече во авторитарност проследена со сиромаштија и корупција во општеството.
Фактот дека Мубарак го охрабрува својот син Гамал да ја преземе власта, ги разгневи Египќаните кои се чувствуваат дека се заробени во минатото и дека пропуштаат можност за промени и обнова. Востанието во Тунис им даде крила на Египќаните и испрати порака дека стариот режим може да се промени.
Некогаш фален, а сега корен на проблемите
Осумдесет и двегодишниот претседател во своето обраќање на телевизија во вторникот вети дека нема да се кандидира за следниот мандат, но ги отфрли барањата веднаш да се повлече од претседателската функција. Демонстрантите тоа остро го отфрлија и го исмеаја, јасно порачувајќи му дека не сакаат да чекаат со месеци.
Своевремено, токму Мубарак беше фален бидејќи го ослободи Египет од исламските екстремисти и воспостави врски со Западот, а во време кога демонстрантите се движеа низ египетските градови по судирите со силите за безбедност, тој настојуваше себеси и војската под своја команда да ја прикаже како единствена пречка за налетот на анархијата.
Меѓутоа, неговиот политички кредибилитет, претрпе непоправлива штета. Со децении му недостасува харизмата на неговите двајца легендарни претходници – миротворецот Садат и големиот арапски националист Гамал Абдел Насер и константно беше во нивна сенка.
Огорченоста кај народот растеше со текот на годините
Се бореше со проблемите кои се проширија во арапскиот свет низ модерната историја: економската стагнација, корупцијата, израелско-палестинскиот судир и борбата против исламскиот милитаризам.
Со тек на годините Мубарак се повлече и внимателно ги креираше своите јавни настапи. Последните години растеше огорченоста кон неговиот режим, посебно по притисокот на слободата, бруталните полициски тактики и многу економски реформи кои беа во корист само на мал број луѓе.

Освен тоа, брзиот успех на неговиот син во политиката предизвика најголем гнев и презир поради можноста тој да ја наследи претседателската функција. Освен како главен преговарач во палестинската криза, Мубарак е познат и како силен сојузник на САД. Во време кога беше убиен Садат, Мубарак беше потпретседател. Еден ден по убиството, најголема надеж за модернизација на арапскиот свет, во октомври 1981 со 98,5 отсто гласови, Мубарак ја презеде власта. Успеа да ги спречи радикалните исламски милитанти.
Во текот на 90-тите се бореше против други милитанти кои ги напаѓаа туристите и Египќаните. Посебна популарност стекна кога ослободи околу 1.500 политичари, новинари и верски лидери, заробени во време на владеењето на Садат.
Режирани избори и убедлива победа
Но, со текот на времето умираа надежите во нови реформи, кога Мубарак повторно беше избран за претседател на режиран референдум на кој беше единствен кандидат. Победата рутински ја доби со над 90 отсто гласови.
Никогаш не именуваше потпретседател, иако тоа е определено со Уставот на земјата, освен минатата недела кога со тој потег се обиде да ги смири граѓаните кои сакаат да го симнат од функцијата. Во почетокот на 2005 година, под притисок на Египќаните, но и администрацијата на Џорџ Буш, сите ги изненади со зборовите дека ќе внесе промени во Уставот, за да дозволи први претседателски избори со повеќе кандидати.
Изборите се одржаа во септември и Мубарак ги победи сите 10 кандидати, наспроти обвиненијата за измама и заплашување. Сепак, потоа Муслиманското братство почна да ја покажува својата сила.
Почеток на повлекување пред Муслиманското братство
Можеби и поради тоа Мубарак почна да попушта, да ги одложува планираните локални избори, да затвора активисти, лансираше кампања за апсење на членови на Братството и слично. Кон Братството задржа непријателски став, тврдејќи дека во Египет нема место за секуларна држава. Сепак, оваа група има голема поддршка од сиромашните и најавува дека ќе ја продолжи борбата за промени.
Мохамед Хосни Мубарак е роден на 4 мај 1928 година во селото Кафр ел-Мошеилха во провинцијата Меноуфиа. Неговото семејство припаѓа на средната класа. Откако во 1950 година се приклучи кон Воздухопловните сили, напредуваше до ранг на пилот и инструктор, а потоа и на лидерски позиции. Славата ја стекна како командант на Воздухопловните сили во текот на војната на Блискиот Исток во 1973 година. Кога група муслимански екстремисти во 1981 година го убија Садат и седум други лица, Мубарак помина со помали повреди на раката.
sarajevo.x - Сараево