
Вашингтон, 11 март 2011 (МИА) - Белата куќа потврди дека има директни контакти со лидерите на опозицискиот Либиски национален совет, но дека се уште проценува каде би можел тој да ја одведе Либија во иднина по заминувањето на Моамер Гадафи.
- Ние сме во директни контакти со опозицијата низ различни канали, вклучувајќи ги сите високи членови на Советот, како и со други поединци во Либија. Се координираме со опозицијата, со Советот, за да им помогнеме и да го пронајдеме најдобриот начин за да се поддржат нивните стремежи, истакна портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.
На прашањето дали Вашингтон ќе го признае Советот за легитимна власт во Либија, Карни одговори дека САД и понатаму се во процес на проценка, со цел да се утврди нивната визија, односно кого претставуваат, какви идеи имаат и каде би ја одвеле Либија во иднина по соборувањето на Гадафи.
Карни, исто така, изрази уверување во способноста на глобалниот систем за снабдување со нафта да се справи со големите проблеми предизвикани со немирите на Средниот Исток.