Токио, 15 март 2011 (МИА) - Бројот на жртвите од разорниот земјотрес и цунами, кои во петокот ја погодија Јапонија, ја надмина бројката од десет илјади, соопшти денеска јапонската Национална полициска агенција, истакнувајќи дека во овој биланс се пресметани потврдените смртни случаи и лицата кои се водат како исчезнати.

Агенцијата досега идентификуваше 1.060 тела, од кои 420 се предадени на семејствата.
Во меѓувреме, токиските градски власти соопштија дека после новите експлозии и пожар во нуклеарната електрана Фукушима, нивото на радиоактивното зрачење во престолнината денеска е десет пати поголемо од нормалното, но дека не постои опасност по здравјето на луѓето.

До сега се спасени околу 25 илјади луѓе, а од десет илјади лица во префектурата Мијаги, со кои локалните власти имаа изгубено секаков контакт, потврдено е дека две илјади од нив преживеале.
Во повеќе од 2.500 засолништа ширум земјата сместени се околу 520 илјади луѓе, а еден од главните предизвици е како да бидат доставени основните животни продукти на преживеаните, вклучувајќи храна, кебиња, гас и лекови.
Покрај тоа, властите во Јапонија соопштија дека бројот на зградите кои се целосно или делумно унишени во земјотресот се искачи на 72.945.