Токио, 17 март 2011 (МИА) - Хеликоптер на јапонските сили за самоодбрана почна да го полева со вода третиот реактор на атомската електроцентрала Фукушима-1, соопшти јапонската телевизија Ен Ејч Кеј.
Претходно воен хеликоптер излеа вода и врз четвртиот реактор во централата.

Операцијата беше преземена по мерењата на радијација над Фукушима. Операцијата е извршена откако друг хеликоптер претходно го измери нивото на радијација во реонот на централата.
Засилено се подготвува и операција на специјална единица на јапонската полиција за полевање со вода на базенот за употребено гориво на четвртиот реактор во Фукушима-1 со помош на водени орудија, со какви располага единствено полицијата.
Претходно Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека температурата во базените за одработено гориво на четвртиот, петтиот и шестиот реактор е зголемена. Според експертите од агенцијата, главен проблем со складиштата за одработено гориво веројатно е оштетување на напојувањето, неопходно за ладење на водата.
Нормалната температура на водата во базените не треба да надминува 25 степени Целзиусови. Во четвртиот реактор температурата достигнала 84 степени, во петтиот - 62,7, а во шестиот - 60 степени.
Во текот на девет часа компанијата оператор на Фукушима-1 „Токио електрик пауер“ (ТЕПКО) беше лишена од техничка информација од централата заради грешно прекинат кабел. Грешката се случила при пробивањето на електричната траса кон електроцентралата. По службен канал се предава информација за состојбата на корпусите на реакторите, полнењето во нив, нивото на радијација... По прекинот ТЕПКО добивал информации од АЕЦ-а само преку сателитски телефони, а за таа цел вработените требало да ги напуштат своите засолништа и да излезат на улица, каде радијацијата е висока.
САД се обидуваат на Јапонија да и достават опрема, способна да ја утврди изложеноста на Земјата на радијација, соопшти министерот за енергетика Стивен Чу.