
Токио, 18 март 2011 (МИА) - Јапонските власти во врска со кризната ситуација во јапонската нуклеарна централа „Фукушима 1“ треба да одржуваат потесни контакти со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави денеска нејзиниот генерален директор Јукио Амано на средбата со јапонскиот министер за надворешни работи, Такеаки Мацумото во Токио.
Амано за време на посетата побара да добие дополнителни информации за вонредната ситуација во „Фукушима 1“, по катастрофалниот земјотрес од 11 март и брановите цунами, кои следеа по него.
Мацумото го призна во разговорот со Амано големото значење на транспарентноста, која Јапонија треба да ја обезбеди кога ги информира јавноста, странските влади и меѓународните организации за состојбата во нуклеарната централа.
Јапонскиот премиер Наото Кан подоцна во разговорот со Амано вети дека детално ќе ја информира меѓународната заедница за развојот на ситуација во нуклеарните објекти во земјата, а посебно за „Фукушима 1“.
Тој истакна дека Јапонија ќе ги преземе сите неопходни мерки за надминување на последиците од сегашната криза.
Амано се очекува утре да се врати во седиштето на МААЕ, во Виена.
Температурата на водата во резервоарите за преработено гориво, во петтиот и шестиот реактор од „Фукушима 1“, продолжува да се зголемува, соопшти МААЕ.
- Дизел генераторот на шестиот енергетски блок обезбедува во моментов прилив на вода во резервоарите на двата блока, нагласува МААЕ.
Според податоците на МААЕ синоќа температурата на водата во складиштето на петтиот реактор достигнала 65,5 степени Целзиусови, а во шестиот блок 60,2 степени.
Нема нови информации за состојбата во четвртиот блок. Последните податоци за него се од 13 март и тогаш температурата на водата во складиштето за преработено гориво на реакторот изнесувала 84 степени, односно дошла мошне блиску до точката на вриење.